Битолски обвинител осомничен за трговија со влијание

Објавено:

Со судски наредби за претрес, полицијата денеска влезе во домот и канцелариите на обвинител од битолското Вишо обвинителство. Обвинителството за гонење на организиран криминал го сомничи дека сторил кривично дело – Примање награда за противзаконито влијание од член 359 став 3 во врска со став 2 од Кривичниот законик.

„Претресите врз основа на обезбедените наредби ги вршат припадници на Министерството за внатрешни работи. Повеќе детали по завршување на дејствијата во текот на утрешниот ден“, се вели во кусото соопштение на Обвинителството објавено доцна во ноќта.

Случајот се поврзува со постапување околу враќањето на пасошот на бизнисменот Борче Марковски, објавија голем дел од македонските медиуми повикувајќи се на полициски извори запознаени со истрагата.

Марковски е првообвинет во предмет за злоупотреби со тендер вреден над 1,7 милиони евра во РЕК Битола, а по излегувањето од притвор со гаранција од над 5 милиони евра, судот во Струга му го врати пасошот.

Во јуни обвинител од Основното јавно обвинителство Струга дал негативно мислење за барањето на одбраната на Марковски да му биде вратена патната исправа. По ново барање на одбраната, предметот бил доставен до Вишото јавно обвинителство во Битола, од каде што било наложено да се даде позитивно мислење.

Позитивниот одговор од Вишото обвинителство на Марковски му го донесе пасошот, по што замина во Србија. За неговото присуство во постапката претходно била понудена гаранција од околу пет милиони евра.

„Како аргументи за ваквата одлука, вишиот јавен обвинител изнесува став дека со определената гаранција се исклучени околностите кои укажуваат на опасност од бегство на обвинетиот. Воедно, се прифаќаат аргументите на одбраната дека обвинетиот поседува фирма во Србија, чие работење е сериозно доведено во прашање, и дека постои можност да биде нанесена ненадокнадлива штета доколку тој во најкраток можен рок не отпатува таму за да потпише документација во врска со работењето на фирмата. Сите аспекти на ваквата одлука и соодветната аргументација ќе бидат испитани. Во моментов, не може да се смета дека обвинетиот е во бегство и тој има обврска да се јавува пред судот“, соопштија тогаш од Јавното обвинителство.