Нов голем протест се одржува денеска во Франција, јавува Ројтерс. Десетици илјади средношколци и студенти се на улиците и бараат повеќе инвестиции во образованието и подобри услови во училиштата. Во последните денови, протестите беа проследени со немири, вандализам, апсења и судири со полицијата, додека стотици училишта беа затворени.
Пред денешниот протест, властите распоредија силни полициски сили низ целата земја, а тие стравуваат од ширење на немири бидејќи најголемите француски синдикати ја објавија својата поддршка за учениците.
Учениците од париската гимназија Лисе Волтер го блокираа влезот во нивното училиште. Во текот на денот се очекува бран блокади и улични протести низ целата земја да продолжи поради условите во образовниот сектор.
Лутите тинејџери бараат од владата да ги реши проблемите со недостатокот на персонал и дотраените објекти. Владата тврди дека едноставно нема пари.
„Имаме неколку барања, а најблиску до срцето и причината за ваков вид мобилизација на учениците се однесува на училишните згради, потребата од понови згради прилагодени на моменталните климатски и временски услови, кои се влошуваат. Покрај тоа, тука е и прашањето за распоредот на часовите, систематската замена на наставниците во случај на откажување на часовите и присуството на медицински и социјален персонал во училиштата. И секако, проблемот со онлајн платформата за прием на универзитети“, изјави за агенцијата Ројтерс, Натанаел Комбари, раководител на националното здружение на средношколци.
Комбари ги повикува своите истомисленици да не посегнуваат по насилство, истакнувајќи дека тоа само им штети. Протестите започнаа во посиромашните предградија на Париз, а потоа се проширија низ целата земја. Тие ескалираа во улично насилство, па владата испрати интервентна полиција против демонстрантите. Вчера, наставата не се одржа во стотици училишта, а судејќи според најавите на лидерот на студентското незадоволство, малолетните демонстранти се упорни во својата борба до крај.
Очигледно е дека многу демонстранти се социјално и политички свесни, а подлабоката позадина на протестот не се само барањата за подобрување на условите во училиштата.
„Се чувствуваме запоставени затоа што, кога одговорот е насилство, тоа значи дека демократијата повеќе не функционира. Но, најмногу од сè го чувствуваме огромниот јаз меѓу елитите и нас. Чувствуваме дека им правиме непријатност затоа што толку многу вознемируваме, па затоа прибегнуваат кон сила за да нè замолчат“, вели за Ројтерс, Уго Вецел, ученик во средно училиште во Париз.
Досега има повредени во протестите. Петнаесетгодишен демонстрант ја изгуби раката во градот Ленс, а околностите на инцидентот сè уште не се разјаснети.
Во друг случај, пред неколку дена, 16-годишник побарал помош поради губење на видот на едното око. Според неофицијални информации, повредата најверојатно била предизвикана од гумен куршум.


