На изборите во Квебек победи партијата што сака одвојување од Канада

Објавено:

Сепаратистичката Квебечка партија победи на вчерашните избори во канадската покраина Квебек.

Иако не освои мнозинство, резултатот би можел да му го отежне на канадскиот премиер Марк Карни зачувувањето на националното единство, додека тој се соочува со американскиот претседател Доналд Трамп во борбата против американските царини.

Прелиминарните резултати покажаа дека оваа покраина со девет милиони жители, во која мнозинството зборува француски, ја избра Квебечката партија, предводена од Пол Сент-Пјер Пламондон.

Пламондон вети одржување референдум за одвојување од Канада откако Трамп ќе ја напушти функцијата.

„Референдумот е можност сами да одлучуваме. Нашата национална судбина еден ден ќе се оствари“, рече 49-годишниот Пламондон пред насобраните поддржувачи, кои гласно го поздравија.

За одржување референдум е потребно одобрение од законодавниот дом.

Пламондон, поранешен адвокат, призна дека за следните чекори ќе му биде потребна поддршка од пратениците на опозицијата.

Премиерот Карни, кој ја нагласуваше потребата од заеднички настап во борбата против царините на Трамп, сега ќе мора да соработува со премиер на Квебек кој е решен да ја одвои покраината од Канада.

Дополнително, Алберта, покраина богата со енергенси, овој месец ќе одржи необврзувачко гласање за тоа дали нејзините жители сакаат независност.

Обраќајќи му се на Карни, Пламондон изјави дека пред сè ќе ги штити интересите на Квебек, но повтори дека е подготвен да соработува со Отава секогаш кога тоа ќе биде во негов интерес.

Карни му честиташе на Пламондон преку платформата Икс, истакнувајќи дека „изградбата на посилен Квебек е клучна за нашата мисија за изградба на посилна Канада“.

Тој додаде дека со нетрпение очекува да соработува со Пламондон во обезбедувањето поддршка за компаниите и работниците во Квебек погодени од царините.