САД „удри“ по канадските производи со царини од 50% откако пропаднаа трговските преговори

Објавено:

САД во саботата воведоа царини од 50% за одредени канадски производи, откако двата долгогодишни сојузници не успеаја да постигнат трговски договор, при што секоја страна ја обвини другата дека ги попречува преговорите што траеја со денови – објави меѓународната новинска агенција Ројтерс.

Царините, кои стапија во сила непосредно по полноќ (04:00 часот по Гринич), се однесуваат на канадски производи во вредност од околу 20 милијарди долари, што претставува нешто повеќе од 5% од канадскиот извоз во САД.

Во овие производи има работи како дрвени стапчиња за хокеј на мраз, кои денес ретко се користат, со што се далеку од тоа да претставуваат пресврт во економските односи со најголемиот трговски партнер на САД по Мексико.

Но, новите царини претставуваат зголемување на тензиите меѓу претседателот Доналд Трамп и премиерот Марк Карни, а веројатно ќе ги отежнат и пошироките преговори за обновување на Договорот за слободна трговија меѓу САД, Мексико и Канада.

Британски Гардијан пак, пишува дека „канадскиот премиер Марк Карни вети дека ќе возврати на американските царини долар за долар“, откако двете страни не успеаја да постигнат трговски договор до рокот, односно до полноќ во петокот.

Канадските претставници работеа напорно и во добра верба, но „последните промени во предложените услови од страна на САД беа неправедни, економски неоправдани и ја доведоа во прашање сигурноста на каков било договор“, наведе Карни во писмено соопштение за јавноста.

Во врска со царините од 50% што ги воведуваат САД, тој рече: „Канада ќе возврати со исти царини, долар за долар, за да ги заштити нашите работници и бизниси.“

Новите царини следуваат откако преговорите во последен обид не успеаја да ја надминат најновата криза во, и онака затегнатите односи меѓу историските сојузници.

Американскиот трговски претставник Џејмисон Грир изјави дека неуспехот на преговорите претставува „пропуштена можност за Канада“.

„Вечерва, Канада одби да го финализира трговскиот договор според условите договорени претходно оваа недела“, рече тој во соопштението објавено непосредно пред полноќ во петокот, пренесено од Гардијан.

Што се случи за време на преговорите за трговскиот договор во последен момент?

Канадскиот министер задолжен за трговските односи со САД во петокот доцна вечерта изјави дека трговскиот договор сè уште не е финализиран – објави Дојче веле.

Вашингтон и Отава брзаа да постигнат договор пред да стапат во сила новите, високи американски царини.

„Имаме уште работа. Ќе продолжиме да работиме до последен момент. Нашата работа не е завршена“, им рече Доминик Лебланк на новинарите по разговорите со американскиот трговски претставник Џејмисон Грир.

Коментарите на Лебланк следуваа откако претседателот Доналд Трамп изјави дека САД „треба да можат да постигнат договор со Канада“.

Трговскиот спор на Трамп со Канада

Во јули, Трамп се закани дека ќе воведе нови царини од 50% за одредени производи, но потоа најави тридневна пауза, поради значителниот напредок во трговските преговори.

Ројтерс објави дека се очекува договорот да ги намали американските царини за возилата произведени во Канада од 25% на 15%, а царините за канадскиот челик и алуминиум да ги преполови, од 50% на 25%.

САД во моментов учествуваат со околу 70% од канадскиот извоз, што ја прави Канада ранлива на казнени трговски мерки од страна на САД.

Последни објави