Соединетите Американски Држави(САД) синоќа објавија дека воведуваат царини од десет или 12,5 проценти на увоз од 60 држави, со образложение дека државите не успеале да воведат или не применуваат ефикасна забрана за увоз на стоки произведени со принуден труд.
„Трговските партнери што презеле обврска да воведат и ефикасно да применуваат забрана за увоз на стоки произведени преку принуден труд ќе подлежат на царина од десет отсто, додека трговските партнери што не усвоиле таква забрана ќе подлежат на царина од 12,5 отсто“, соопшти американската администрација.
Меѓу засегнатите производи има и одредени стоки од Европската Унија, соопшти Канцеларијата на американскиот трговски претставник (USTR).
Дополнителните царини ќе се применуваат на поголемиот дел од увозот од засегнатите трговски партнери, почнувајќи од 00:01 часот по источноамериканско време денеска (04:01 часот по Гринич).
Од мерките ќе бидат изземени стоките што веќе се натоварени на бродови, се наоѓаат во завршна фаза од транспортот и за кои царинската документација била завршена пред 28 јули.
Веднаш на најавите реагираа ЕУ, Австралија, Нов Зеланд.
Високата претставничка на Европската Унија за надворешна политика и безбедност, Каја Калас, ги посочи како неосновани тврдењата за недостатоци во контролата врз принудниот труд во Унијата.
„Тоа не може да се каже за Европската Унија“, изјави Калас. Таа рече дека споредено со САД, европското трудово законодавство предвидува платени одмори и високи стандарди за условите на работа.
„Затоа ова навистина не е оправдано“, оцени Калас, најавувајќи дека ЕУ ќе бара дополнителни објаснувања од Вашингтон. Таа посочи дека ЕУ ги исполнила обврските од трансатлантскиот трговски договор постигнат минатата година и дека новите царини ги доживува како „шок“.
На најновата одлука реагираа и Канбера и Велингтон.
Австралискиот министер за трговија и туризам, Дон Фарел, изјави дека новите царини воведени од американскиот сојузник се „неоправдани“.
„Овие царини се неоправдани, не се во согласност со нашиот договор за слободна трговија и треба да бидат укинати“, изјави Фарел.
Неговиот новозеландски колега, Кристофер Луксон, исто така со осуда на новите американски царини нарекувајќи ги како „исклучително разочарувачки“.
Истрагата што ја спроведоа САД за утврдување дали нивните трговски партнери целосно ги отстраниле од своите синџири на снабдување производите произведени преку принуден труд, „не обезбеди значајни докази во прилог на тврдењата за принуден труд“, напиша Луксон на социјалната платформа „Икс“.
На 21 јули, Белата куќа објави дека воведува нови царини од 50 отсто на голем број производи од Канада. Мерката е предвидено да стапи на сила на 19 август, точно 30 дена откако американскиот претседател Доналд Трамп ќе го потпише указот за царините. Новите финансиски оптоварувања ќе опфатат канадски увоз вреден околу 20 милијарди американски долари.



