Белата куќа објави дека воведува нови царини од 50 отсто на голем број производи од Канада, потег кој дополнително ги заострува трговските односи меѓу САД и еден од нивните клучни партнери, јави Ројтерс.
Оваа мерка е најнова во низата ескалации во трговскиот спор меѓу двете соседни земји, имајќи предвид дека Трамп и во текот на својот втор мандат ги користи царините како главно оружје, континуирано обвинувајќи ги Канада и другите партнери за нетранспарентни трговски односи.
Мерката е предвидено да стапи на сила на 19 август, точно 30 дена откако американскиот претседател Доналд Трамп ќе го потпише указот за царините. Новите финансиски оптоварувања ќе опфатат канадски увоз вреден околу 20 милијарди американски долари.
Вашингтон ја нарече ваквата одлука директен одговор на дискриминаторската, нерамноправна и неоправдана царинска политика која ја спроведува Канада и оти основната цел е преку овие царини да ги подобри условите за извоз на автомобили кои се произведени во САД.
Канадскиот премиер Марк Карни во својата синоќешна реакција нагласи дека ова е последна во низата еднострани мерки на САД кои претставуваат директно кршење на Договорот меѓу САД, Мексико и Канада и рече дека Отава не ја затвора вратата за дипломатија и е подготвена за дополнителни разговори со Вашингтон за надминување на ситуацијата. Дополнително, кажа дека Канада веќе доставила конкретни предлози за решавање на спорот и изрази подготвеност за дополнително интензивирање на дијалогот со американската администрација.
Одлуката е донесена врз основа на американски закон за царини од 1930 година.
Трамп првпат воведе царини за Канада на 1 јуни 2018 година, за време на неговиот прв претседателски мандат тврдејќи дека прекумерниот увоз претставува закана за националната безбедност на САД. Канада веднаш одговори со реципрочни контра-мерки вредни 16,6 милијарди долари врз американски челик, алуминиум и други стоки за широка потрошувачка. Овие први царини беа официјално укинати во мај 2019 година, откако двете земји постигнаа договор кој го отвори патот за потпишување на новиот трговски договор CUSMA (USMCA).


