Не е битно дали министерот за внатрешни работи е задоволен или не е задоволен од која било одлука на Јавното обвинителство, битно е дали граѓаните на крајот ќе видат правда во оваа сизифовска битка за да ја видиме правдата на крајот на денот, изјави министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, прашан за коментар по одлуката на Вишото ЈО да продолжи постапувањето по предметот „Мазут“.
Истрагата за овој случај, тежок 167 милиони евра, почна во март 2025 година. Под истрага беа 13 лица и една фирма поради сомнежи за злоупотреби, незаконски договори и анекси и перење пари во постапките за набавка на мазут за потребите на ТЕЦ Неготино, спроведени во услови на енергетска криза во периодот 2021-2023 година.
Тошковски кажа дека од информациите споделени со него, а се поврзани со предметниот случај, „ќе ја фрапираат јавноста кога ќе бидат споделени“. –
„Јас кажав и претходно дека согласно она коешто е со мене споделено како информација од страна на оние кои работеле интензивно на тој предмет – истражители кои се дел од Министерството за внатрешни работи, но упатени со работа во рамки на Јавното обвинителство за организиран криминал, а и дел од нив упатени на работа во рамки на Министерството за внатрешни работи во одделот за Организиран криминал – информациите коишто беа споделени со мене, а се поврзани со предметниот случај, навистина сигурен сум дека ќе ја фрапираат јавноста кога ќе бидат споделени со јавноста. Еве толку ќе кажам и ќе ве оставам истрагата да си го каже своето во јавност понатаму“, изјави Тошковски.
Вишото јавно обвинителство вчера ја укина одлуката на обвинителката Катерина Коларевиќ која ја запре истрагата за случајот ,,Мазут во ТЕЦ Неготино“ поради слабости во изготвените вештачења на кои јавниот обвинител од ОЈО ГОКК ја темелел својата одлука да ја запре истрагата. Тоа значи дека предметот е вратен назад во Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција на повторно постапување.
Инаку, еден од главните аргументите на обвинителката Катерина Коларевиќ за запирање на истрагата за „Мазутот во ТЕЦ Неготино“ беше дека ЕСМ не пријавило штета.
Во фокусот на истрагата беше фирмата РКМ која го добила тендерот и нејзините сопственици Ратко Капушевски и Ерџан Сулкоски. Меѓу осомничените беше и сопственикот на Пуцко Петрол, Асмир Јахоски, син на пратеникот на ДУИ, Исмаил Јахоски. Сулкоски е поранешен вработен во Пуцко Петрол, а потоа стана еден од сопствениците на РКМ заедно со Капушевски. Во истрагата беше опфатен и екс директорот на ЕСМ, Васко Ковачевски кој е во бегство и се бараше со меѓународна потерница за случајот Адитив. Опфатен беше и уште еден поранешен директор на ЕСМ, Адријан Муча.
Некои од осомничените првично беа во притвор, а потоа со гаранција излегоа да се бранат од слобода.
Васко Ковачевски, пак, е во бегство уште пред отворањето на оваа истрага бидејќи надлежните го гонат за злоупотреби во ЕСМ во случајот „Адитив“. Од крајот на 2024 година за него е распишана и меѓународна потерница.


