Јаневска им даде домашна на децата – да си бараат братче или сестриче

Објавено:

Почетокот на новата училишна година, премиерот и министерката за образование Весна Јаневска ја искористија да испратат пораки до децата и нивните родители дека македонската демографија е во опаѓање. Демографскиот пад е главната причина за намалувањето на бројот на ученици и затворањето на дел од училиштата во земјава, рече премиерот Христијан Мицкоски на први септември, одговарајќи на новинарско прашање за почетокот на новата учебна година. Според неговите пресметки, демографијата учествува со околу 90 проценти во проблемот со намалувањето на бројот на ученици, а како дополнителен фактор го посочи и иселувањето. Според податоците што ги изнесе Мицкоски, во 2025 година во Македонија се родиле 15.650 деца, додека во годините пред пандемијата бројката се движела меѓу 22.000 и 23.000 новородени годишно.

„Станува збор за 7.000 до 8.000 деца помалку во рок од седум-осум години“, рече Мицкоски.

Јаневска во својот говор при посетата на основното училиште „Ацо Шопов“ во општина Бутел им рече на децата покрај знаење со кое треба да се стекнат, од своите родители треба да побараат братче или сестриче, за да не се случува да се затвораат училишта во земјава.

„Ако продолжиме вака постојано ќе затвораме училишта. Ние пред три години направивме сликовница за прво, второ и трето одделение што се вика ‘Јас, мама, тато, дада и бато’. Оттука порака за првачињата: освен тоа што ќе побараат да стекнат знаење, можеби треба да побараат да стекнат и братче и сестриче, за да можеме повторно овие привремено затворени училишта во иднина да ги отвораме“, рече Јаневска.

Претходно таа информираше дека годинава 26 училишта се привремено затворени. Дел од нив останале без ученици, додека во други има мал број деца кои се префрлени во најблиските училишта, со цел да следат настава во поголеми паралелки и да имаат подобри услови за социјализација.

На новинарско прашање за намалениот број на првачиња од речиси 3.000 за разлика од лани на ниво на држава, Јаневска, претходно, од ОУ „Киро Глигоров“, одговори дека „демографијата е посебна наука и многу нешта треба да се направат во тој правец“, а дека во образованието се воведени многу мерки со кои се подобруваат условите за учење.

„Сè што правиме е многу сериозно, инфраструктура, технологија, нови наставни програми, нови наставни помагала, учебниците се редовно снабдени. Сè со цел да им е попријатен животот на децата во Македонија. А кога на децата им е убаво, и нивните родители ќе сакаат, претпоставувам, да останат тука и ќе се охрабрат да имаат повеќе дечиња“, рече министерката.

Според статистичките податоци, за седум години, бројот на ученици во училиштата се намалил за 17.000 и се намалува соодносот наставници спрема ученици. Бројките од пописот во 2021 година покажуваат дека во Македонија има повеќе старо население над 65 години (315.331), отколку млади до 14 години(311.347). Таква е состојбата во 52 од вкупно 80 општини. Најмногу од нив се во источниот регион.

Податоците во периодот меѓу двата пописи од 2002 до 2021 година покажуваат дека населението во Северна Македонија се намалило за над 200.000 луѓе.

Нови регионални податоци, објавени од УНФПА, Фондот за население на Обединетите нации, во пресрет на Светскиот ден на населението (11 јули 2026 година) покажуваат дека постои јаз меѓу бројот на деца што младите во југоисточна Европа велат дека би сакале да ги имаат и бројот на деца што всушност ги имаат кога ќе стигнат во доцните 30-ти години .

Водечките пречки се од материјална природа: финансиската несигурност е најголемата пречка и за стапување во брак и за родителство, по што следат пречките како недостаток на соодветно домување, здравствени проблеми, тешкотии во пронаоѓањето соодветен партнер и загриженост за нееднаквата распределба на грижата за децата и домашните обврски.

Од истражувањето произлегува еден вообичаен редослед на чекори кој е општо прифатен во регионот: младите сметаат дека пристојното вработување мора да претходи на самостојното домување, самостојното домување на стабилната врска, а стабилната врска на родителството. Кога недостасува една алка во овој синџир, секој следниот животен настан се одложува или прекинува.

„ Ова истражување јасно покажува зошто политиките што се обидуваат да влијаат врз одлуките на младите за имање деца преку стимулации или притисок не функционираат – тие интервенираат во погрешна фаза, на крајот од синџирот на животни пресвртници чии претходни алки се често прекинати. Она што ни треба наместо тоа се политики што ги отстрануваат пречките што водат до оваа одлука, во вработувањето, домувањето, здравството и родовите улоги во семејството, за младите да можат да ги остварат своите животни и семејни амбиции“, се вели во заклучокот на истражувањето на УНФПА.

Освен со наталитетот, Македонија има проблем и со иселувањето. Во странство живее секој трет граѓанин на земјава, или околу 700.000 луѓе, според извештај на Меѓународниот центар за миграциски политики од 2022 година. Македонската дијаспора главно е во земјите од ЕУ, најмногу во Германија, Швајцарија и Италија. Надвор од ЕУ, најголемите македонски заедници се наоѓаат во Австралија, во САД и во Канада.