ФЗОМ: Боледувањето не се скратува, се олеснуваат процедурите

Објавено:

Управниот одбор на Фондот за здравствено осигурување денеска ги усвои измените на правилникот со кој се уредуваат критериумите за утврдување привремена спреченост за работа.

Од ФЗОМ појаснуваат дека со измените не се скратува правото на боледување, ниту се ограничува неговото времетраење кога за тоа постои медицинска потреба. Матичниот лекар и понатаму останува надлежен да ја утврдува привремената спреченост за работа до 15 дена, додека за период подолг од 15 дена одлучува лекарската комисија на Фондот.

Промената од седум на пет дена, како што наведуваат од ФЗОМ, не значи дека боледувањето завршува на петтиот ден.

„Станува збор за периодот по кој, доколку здравствената состојба бара продолжување на боледувањето, се применуваат медицинските критериуми предвидени за конкретната дијагноза. Клучната граница од 15 дена во надлежност на матичниот лекар останува непроменета“, појаснуваат од Фондот.

Со измените се воведуваат и повеќе олеснувања за осигурениците и матичните лекари, со цел да се намалат непотребните административни постапки и движењето на пациентите во здравствениот систем.

Меѓу новите решенија е предвидено за дел од дијагнозите пациентот да не мора да се упатува на лабораториски испитувања, туку процената да ја направи матичниот лекар. За одредени дијагнози се проширува и временската рамка предвидена со критериумите. По истекот на 15 дена, предлогот за привремена спреченост за работа (ПСР) матичниот лекар ќе го доставува електронски, наместо преку досегашната рачна постапка.

Се прошируваат и случаите во кои боледувањето ќе може да се утврди без физичко присуство на осигуреникот, особено кај тешко болни, неподвижни и тешко подвижни лица, лица на болничко лекување, како и во други оправдани случаи.

Кај хроничните заболувања ќе може да се користат постојните дијагностички наоди доколку се во предвидениот период на важност, без непотребно повторување на истите испитувања. Дополнително, се прецизираат условите за ретроактивно утврдување на боледувањето во оправдани случаи, меѓу кои и по завршено болничко лекување.

Олеснување е предвидено и за бремените жени и доилките во однос на радиодијагностичките испитувања со јонизирачко зрачење, кога здравствената состојба е соодветно потврдена со специјалистички извештај.

Кај определени тешки заболувања, пак, се предвидуваат исклучоци од обврската за конзилијарно мислење кај боледувањата подолги од 60 дена.

Од ФЗОМ велат дека новите решенија се резултат на повеќемесечна стручна работа и анализа на постојните критериуми, од кои значаен дел потекнуваат од 2012 година.

Во Фондот посочуваат и дека во периодот меѓу прекинот и продолжението на седницата дополнително биле разгледани и разјаснети прашањата отворени од членовите на Управниот одбор, со цел одлуката да биде донесена врз основа на целосно согледување на предложените решенија.