Директорот на Фондот за здравствено осигурување, Златко Перински најави построги контроли на боледувањата. До Управниот одбор ќе биде доставена предлог-измена на Правилникот за боледување, а една од предложените измени е намалување на периодот за кој матичниот лекар може да издаде боледување без дополнителна контрола – од седум на пет дена.
Целта, вели Перински, да се спречат потенцијални злоупотреби и средствата да стигнуваат до оние на кои им се најпотребни.
„Не сакаме да направиме систем кој е построг, туку систем што е правичен“, рече Перински.
Според податоците што ги презентираше денеска, само во август Фондот исплатил над 623 милиони денари за боледувања, од кои 414 милиони денари биле за породилни отсуства. За 2026 година, во буџетот на Фондот се предвидени 6 милијарди и 454 милиони денари за боледувања и породилни отсуства.
Перински најави и олеснување на постапката за лицата кои поради здравствената состојба не можат физички да дојдат за да го обезбедат боледувањето, како и зајакнување на контролите во соработка со Управата за јавни приходи и Министерството за внатрешни работи.
Најави дека контролите ќе се вршат и по пријава од работодавачите и по случаен избор. Доколку контролорот не го затекне осигуреникот дома, ќе му биде оставен документ со кој се упатува на лекарска комисија и треба да даде образложение, а за случајот ќе биде известен и работодавачот.
Од ФЗО информираат дека при контролите на боледувањата во МВР, неправилности биле утврдени кај речиси 30 проценти од анализираниот примерок, при што биле изречени глоби. Во тек е и анализа на боледувањата во Министерството за одбрана, а злоупотреби, како што рече, сè почесто се регистрираат и во приватниот сектор.
Како дополнително олеснување за пациентите, Фондот ќе предложи рецептите издадени од дежурните служби да важат 24 часа, наместо досегашното правило според кое мора да се реализираат истиот ден до полноќ.
Во однос на биолошки потпомогнатото оплодување, директорот вели дека мерката за до шест ин витро обиди веќе дава резултати. Од над 1.880 обиди, 237 биле четврти, петти или шести обид. Фондот анализира и промени во финансискиот пакет за различните обиди, со цел поголем процент на успешност во првите три обиди. Измените се планираат од 2027 година.
Инаку Фондот за здравствено осигурување во годишниот извештај за 2025 година евидентираше дека сите видови боледувања лани биле зголемени во споредба со 2024 година. Според податоците во извештајот за 4,8 отсто се зголемиле боледувањата поради болест, за 3,8 отсто биле побројни отсуствата од работа поради нега на член на семејството, а професионалните заболувања и повредите на работа биле зголемени за 2,2 отсто минатата година во споредба со годината претходно.
Или, на ниво на држава во 2025 година на секои илјада вработени осигуреници, 41 осигуреник користеле право на боледување на товар на Фондот. Вработените осигуреници најмногу користеле боледување поради болест и тоа се 74 отсто од вкупните боледувања.
Најчестите злоупотреби биле т.н. „цик-цак“ боледувања, односно случаи кога вработени земаат кратки боледувања, се враќаат на работа еден ден за да избегнат контрола, а потоа повторно отвораат ново боледување по друга основа. При контролите, Фондот открил и случаи во кои осигурениците го менуваат матичниот лекар ако одбие да им издаде ново боледување.
Матичните лекари имаат јасно пропишани стандарди како може да се даваат боледувања. Но, покрај покрај акутните респираторни заболувања, скоро половина од боледувањата во Фондот биле за болести на ‘рбетниот столб, спондилоза или лумбаго.


