Мицкоски за заканите кон него: Сум бил свиња, ќе ме колел на плоштад

Објавено:

Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека институциите, во согласност со своите надлежности, презеле соодветни мерки во врска со случајот против 39-годишен маж, кој преку социјалните мрежи го навредувал и му се заканувал дека ќе го заколе и оти во рамки на правосудниот систем тој случај ќе биде решен.

Изјавата на премиерот следува откако Основното јавно обвинителство (ОЈО) Куманово отвори истрага за мажот кој му се заканувал на премиерот во пораки на социјалните мрежи и побара притвор бидејќи станува збор за лице со кривично досие.

  • „Јас во текот на вчерашниот ден дознав за овие закани што се напишани на социјалните медиуми од ова лице дека сум бил свиња и дека ќе ме колел на плоштад. Тоа лице упати пцости кон мене и моето семејство. Јас сум сепак институција, кога не би бил ова, знам како се решаваат тие работи, но претпоставувам дека институциите ги преземале мерките во согласност со своите надлежности и оти преку МВР тоа лице е обезбедено. Се надевам дека понатаму правосудниот систем ќе постапи и ќе го спроведе онаму каде што му е местото“, изјави Мицкоски во одговор на новинарско прашање при посетата на Граничниот премин „Табановце“.

Утрово имаше информација дека јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Куманово поведе постапка против 39-годишен жител на селото Черкези поради основано сомнение дека сторил кривично дело загрозување на сигурноста од член 144 став 5 од Кривичниот законик. Осомничениот во пораки преку социјалните мрежи го навредувал и му се заканувал на претседателот на Владата.

  • „Ценејќи ги околностите на извршување на делото, ризикот од бегство, а особено фактот дека осомничениот се јавува како извршител на други кривични дела од областа на насилниот криминал – насилство, лихварство и поголем број прекршоци за нарушување на јавниот ред и мир, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка достави предлог за определување мерка притвор“, соопшти Обвинителството.

Според соопштението, во согласност со обезбедените докази во однос на претходното поведение на осомничениот, „станува збор за конфликтна личност, која влегува во постојани расправии, закани и физички пресметки со пријавители, па се оценува дека постои реален ризик ваквите агресивни испади да прераснат во потешки кривични дела со животозагрозувачки последици со кои се заканува“.

Последни објави