Маж од кумановското село Черкези е под истрага за загрозување на сигурноста откако испраќал закани кон премиерот Христијан Мицкоски.
Истрагата ја отвори Основното јавно обвинителство (ОЈО) Куманово велејќи дека 39-годишникот упатувал закани кон премиерот во пораки на социјалните мрежи.
Обвинителството бара и притвор со оглед дека станува збор за лице со кривично досие.
Тој и претходно се јавувал како сторител на неколку дела и тоа насилство, лихварство и поголем број на прекршоци за нарушување на јавниот ред и мир.
„Согласно обезбедените докази во однос на претходното поведение на осомничениот, станува збор за конфликтна личност која влегува во постојани расправии, закани и физички пресметки со пријавители, па се оценува дека постои реален ризик ваквите агресивни испади да прераснат во потешки кривични дела со животозагрозувачки последици со кои се заканува“, велат од ОЈО Куманово објаснувајќи ги причините зошто бара притвор.
За предвиденото дело за кое се гони 39-годишникот предвидена е затворска казна од една до пет години.


