Претседателот на Собранието, Африм Гаши денеска изјави дека е убеден оти нема да има предвремени парламентарни избори.
„Убеден сум дека нема да има предвремени избори“, рече Гаши на редовниот брифинг со новинарите.
Прашан на што го темели ова уверување, имајќи ги предвид изјавите што деновиве се пласираат во јавноста, Гаши одговори дека тоа се должи на неговата политичка интуиција.
Говорејќи за денешната редовна координација со координаторите на пратеничките групи, Гаши информира дека претставникот на Левица го отворил прашањето за Изборниот законик, токму поради ставовите што се изнесуваат во јавноста во врска со можноста за предвремени избори.
Гаши вели дека е добро за ова прашање да се разговара. Посочи дека, доколку постои подготвеност, работната група во Собранието и координаторите треба да ги продолжат разговорите за Изборниот законик.
Во однос на Законот за правичната застапеност, кој е блокиран во Собранието поради блокадата на Бадентер од страна на ДУИ, Гаши рече дека има комуникација со лидерите на политичките партии. Сепак, негираше дека меѓу нив е и лидерот на ДУИ, Али Ахмети.
Гаши исто така најави и дека наскоро ќе биде свикана седница на собраниската Комисија за надворешна политика, на која новоизбраните амбасадори ќе ги презентираат своите приоритети.
На денешната координација било побарано Владата на седница да го разгледа прашањето за неприсуството на одредени министри на седниците на кои се поставуваат опозициски и пратенички прашања.
Исто така, било побарано да се промени датумот на седницата за поставување пратенички прашања, поради најавеното присуство на премиерот на Генералното собрание на Обединетите нации во Њујорк на 24 септември.
Претседателот на Собранието информираше и дека утре треба да продолжи 12. пленарна седница, а ќе бидат закажани и продолженијата на 73. 94. и 100. собраниска седница.


