- Сите закони за кои е потребно гласање со т.н Бадентерово мнозинство ќе бидат ставени на дневен ред и на гласање, но неизвесно е каков ќе биде исходот поради процедуралната блокада од опозициската Демократска унија за интеграција (ДУИ), кажа денеска претседателот на Собранието, Африм Гаши на првиот брифинг по летните одмори на пратениците.
Закони за кои е потребен Бадентер се законот за правична застапеност, за високо образование, за локална самоуправа и други.
„Ова прашање има повеќе политичка димензија отколку процедурална. Во својство на претседател на Собранието се обидувам ги преземам сите мерки. Јас сум во контакт со сите пратенички групи. Се обидуваме да дојдеме до решение. Ако прашањето навлегува во политичката сфера тогаш на друго политичко ниво се разговара. Се согласувам дека ова прашање треба да се реши, но оставам на политичките актери да го решат“ – рече Гаши на брифингот со новинарите.
На денешната координативна средба во Собранието присуствувал заменик-координаторот на пратеничката група на ДУИ, но немало никаква најава дека повторно ќе има блокада од страна на нивните пратеници.
„Тоа не е блокада, туку злоупотреба на Деловникот, но ќе видиме како ќе реагираат“, рече Гаши.
Во однос на тоа дали доколку блокадата продолжи ќе има предвремени парламентарни избори, рече дека вакви избори ќе има кога 61 пратеник ќе одлучат за распуштање на Собранието, но нагласи дека тој е поборник на идејата за редовни парламентарни избори.
- „Не треба една злоупотреба на Деловник да предизвика предвремени избори, но тоа е политичка одлука и за тоа може да се решава и на друго ниво“, рече претседателот на Парламентот.
Бадентерово мнозинство е потребно за реформските односно системските закони и одлуки кои директно ги засегаат културата, употребата на јазици, образованието, личните документи, употребата на симболите. Постојат мал и голем Бадентер. Мал е кога за некој закон е потребно мнозинство само од присутните пратеници на конкретната седница, а голем се однесува на мнозинство од вкупниот број пратеници од немнозинските заедници. Во случајот со 39 пратеници, голем Бадентер прават 20 од нив.


