Додека гласањето во Собранието останува неизвесно, спорот околу законот за соодветна и правична застапеност се претвори во битка за легитимитет меѓу ДУИ и ВЛЕН
Дали власта има Бадентерово мнозинство за да го донесе законот за соодветна и правична застапеност? И дали тој е „достојна“ замена за т.н. алатка „балансер“ што се користеше за вработувања во државната администрација или ќе им наштети на Албанците во Македонија?
Додека овие две прашања се главна тема во јавните пречкања меѓу политичките ривали во албанскиот политички блок, и власта и опозицијата тактизираат со обидите долго најавуваниот закон да се изгласа односно да се спречи негово носење.
Откако вчера и покрај барањето на опозицијата, законот што го предлага власта не беше ставен на гласање, ДУИ продолжи да ја прозива ВЛЕН (ВРЕДИ) потенцирајќи два аспекти: дека законот е „антиалбански“ и дека власта нема Бадентерово мнозинство.
„Едно е јасно: кој има Бадентер, има легитимитет“, порача потпретседателот на ДУИ, Бујар Османи, честитајќи им на албанските опозициски пратеници затоа што докажале дека тие го имаат легитимитетот и што го попречиле усвојувањето на законот.
Кој има Бадентерово мнозинство?
Преку партиски соопштенија, интегративците и денеска продолжија во иста насока провоцирајќи ја власта дека не може да донесе ниту ваков лош закон затоа што немаат Бадентерово мнозинство.
Додека тие бараат законот да се стави на гласање или да биде јасно најавено кога тоа ќе се случи, од владејачката ВЛЕН возвраќаат дека „ДУИ не се фактор на одлучување“.
„Тие се конфузна опозиција која секој ден измислува нова приказна за да ги прикрие сопствените гревови. Законот ќе се гласа согласно собраниската процедура“, велат од ВЛЕН во одговорот до Колегиум.мк не навлегувајќи во коментар дали имаат Бадентер во Собранието или не.
Во македонското Собрание има 39 пратеници припадници на немнозинските заедници кои гласаат според принципите на Бадентер.
Бадентерово мнозинство е потребно за реформските односно системските закони и одлуки кои директно ги засегаат културата, употребата на јазици, образованието, личните документи, употребата на симболите. Постојат мал и голем Бадентер. Мал е кога за некој закон е потребно мнозинство само од присутните пратеници на конкретната седница, а голем се однесува на мнозинство од вкупниот број пратеници од немнозинските заедници. Во случајот со 39 пратеници, голем Бадентер прават 20 од нив.
За законот за правична застапеност е потребен мал Бадентер, а тактиката која се чини ја користат интегративците е поголема бројност на нивните пратеници од коалицијата „Европски фронт“ на собраниската седница. Со тоа, го зголемуваат потребниот број на народни избраници од албанската и другите помали етнички заедници кои треба да гласаат за законот да биде донесен.
Власта, според груби пресметки, во мнозинството има 15-тина пратеници што гласаат според Бадентер – пратеничката група на ВЛЕН има 10 пратеници (според официјалниот сајт на Собранието), додека останатите се во ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата.
Дали немањето Бадентерово мнозинство е причина зошто законот не се става на гласање или во прашање е нешто друго, од Собранието, чиј претседател е Африм Гаши од ВЛЕН, до објавување на овој текст не одговорија на прашањата на Колегиум.мк.
Потпретседателката на Собранието, Весна Бендевска, пак, која ја водеше седницата на чиј дневен ред е законот, излезе со став дека не постои рок во кој претседателот на Собранието треба да одлучи кога ќе се гласа по точката.
„Не е тргната од дневен ред точка 8 и не е точно дека постои рок кој имплицира дека веднаш треба да се изјасни датумот за гласање. Сите 120 пратеници дополнително ќе бидат известени кога ќе се вратиме на оваа точка“, рече Бендевска на забелешките од опозициските пратеници.
Антиалбански закон или антиалбански постапки?
Тука е и прашањето што е антиалбанско – за што се прозиваат власта и опозицијата во албанскиот блок.
Османи од ДУИ смета дека тоа е „најантиалбанскиот закон предложен од која било влада во последните 25 години“. Според интегративците, во прашање е осакатен закон, без етнички квоти и без институционални механизми за спроведување и санкционирање.
ВЛЕН, пак, вели законот не е антиалбански туку такви се постапките на опозицијата.
„Најголемиот апсурд е што законот го нарекуваат антиалбански, а самите доаѓаат во Собранието за да ја блокираат правичната застапеност на Албанците. Токму тоа е антиалбански. Партијата што 25 години не мрдна со прст правичната застапеност да ја заштити со закон, денес го блокира токму законот што ја претвора од партиска алатка во законска обврска. Тоа не е грижа за Албанците, туку страв дека им завршува времето кога работните места ги делеа со партиски тефтер и ги продаваа за 5.000 евра“, велат од ВЛЕН во одговорот до Колегиум.мк.
Инаку, забелешки за овој закон имаше и СДСМ. Пратеникот Фатмир Битиќи во текот на собраниските дебати откако законот влезе во процедура за носење, имаше забелешки дека е потребно негово подобрување заради Уставот, Охридскиот рамковен договор, но и заради довербата и градењето заедничка држава за сите во која секој граѓанин мора да биде вработен и унапреден според знаење, способност, професионалност и интегритет.
Власта и премиерот Христијан Мицкоски, пак, во јавните настапи досега излегуваа со став дека законот обезбедува рамка во која ќе има правична застапеност и оти истиот не ја доведува во прашање уставноста и добил позитивни препораки од Венецијанската комисија.
Како дојде до закон за правична застапеност?
Правичната застапеност на етничките заедници при вработувањата произлезе од Охридскиот рамковен договор, со кој се стави крај на конфликтот во Македонија во 2001 година. Изминатава речиси една деценија, врз основа на рамковниот договор, се применуваше т.н. „балансер“ како алатката за вработување според национална припадност во државните институции со цел да има соодветна и правична застапеност на етничките заедници.
Меѓутоа, Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) поведе иницијатива пред Уставниот суд кој на 9 октомври 2024 реши да го укине „балансерот“. Коалицијата „Вреди“, која е во владејачката коалиција, најави дека ќе предложи нов Закон за правична застапеност.
Законот беше направен и усвоен на владина седница во јуни 2025, а една година потоа е во собраниска процедура.


