Специјалниот пратеник на американскиот претседател, Стив Виткоф, по вчерашната средба во Осло со украинскиот претседател Володимир Зеленски, денеска ќе отпатува за Санкт Петербург, каде што на руските власти ќе им ги претстави предлозите на кои работеле американските и европските претставници.
Според норвешкиот премиер Јонас Гар Стере, тие предлози би можеле да го отворат патот за средба на највисоко ниво, меѓу лидерите на земјите.
Во Осло Виткоф се сретна и со лидерите на Норвешка и Финска. Средбите се одржаа по неделата обележана со силни тензии меѓу Украина и Вашингтон.
Билатералните односи се влошија откако американскиот претседател Доналд Трамп постигна договор со Владимир Путин за купување руски дизел и остро го критикуваше Зеленски поради украинските напади врз рафинериите во Русија.
Украинскиот претседател ги обвинува САД дека намерно ја одложуваат планираната испорака на пресретнувачки ракети „Патриот“, кои се клучни за одбраната од руските ракетни и беспилотни напади и кои сериозно ѝ недостигаат на украинската војска.
Откако изрази загриженост поради одредени ограничувања во оваа област, Зеленски вчера го поздрави фактот дека размената на разузнавачки информации со САД сега функционира, што ѝ овозможува на неговата земја однапред да добива предупредувања за лансирање руски балистички ракети.
„Благодарни сме на американската страна. Сега тоа функционира. Тоа е одлично“, изјави тој на прес-конференција.
Осврнувајќи се на утринскиот разговор со американскиот државен секретар Марко Рубио, Зеленски изрази уверување и дека разговорите за сателитската мрежа „Старлинк“ и испораката на системите „Патриот“ ќе имаат позитивен исход.
Американските власти ги негираат обвинувањата дека намерно ѝ наштетиле на Украина, особено со наредбата за прекин на размената на разузнавачки информации или со ограничувањето на работата на „Старлинк“, кој украинската војска широко го користи.
„На Украина намерно ништо не ѝ се ускратува“, изјави Рубио во вторникот од Мумбај, економскиот центар на Индија.
„Станува збор за воспоставување рамнотежа меѓу нашите обврски кон другите партнери и, искрено кажано, нашите сопствени потреби“, додаде тој.


