Мицкоски контра Мемов: Пензискиот систем е стабилен иако долгот е голем

Објавено:

Премиерот Христијан Мицкоски не се согласува со директорот на  Фондот за пензиско и инвалидско осигурување(ПИОМ), Никола Мемов, за тоа во каква кондиција се наоѓа македонскиот пензиски систем. Според премиерот, пензискиот систем е стабилен, додека Мемов вели ако се продолжи вака, фондот нема да издржи.

Мицкоски изјави и дека засега нема да се покачува старосната граница за заминување во пензија како реформа со која ќе се „закрпи“ дупката во ПИОМ, додека, напротив, во анализата на Фискалниот совет се препорачува зголемување на старосната граница за пензионирање за една година и доброволно останување на работа што подолго.

„Директорот на пензискиот фонд претпоставувам има свој став — не треба секогаш да се сложуваме со ставовите на луѓето кои се дел од Владата, но Владата и јас лично цениме дека состојбата е апсолутно стабилна и сигурна и не треба да се грижат пензионерите“, рече Мицкоски.

Тој смета дека оваа Влада во изминативе две години ги зголемила пензиите просечно како ниту една друга влада во историјата на независна Македонија.

„Доколку понатаму во иднина имаме било какви поинакви политики, јавноста ќе биде информирана. Парите се тука, но парите треба да се пронајдат онаму каде што се злоупотребуваат и да се насочат онаму каде што се потребни“, изјави Мицкоски.

Но, директорот на ПИОМ, Мемов на вчерашната дебата во Фискалниот совет конкретно посочи дека пензискиот систем во земјава се соочува со растечки дефицит, а за исплата на пензиите веќе недостигаат околу 500 милиони евра. Мемов наброи можни реформи во пензискиот систем посочувајќи дека едно од можните решенија е раст на придонесите за пензиско осигурување.

„Овие 18,8 проценти не се доволни за сега ние самите осигуреници да си ја платиме пензијата. Тоа го покажуваат и нашите пресметки. Оваа стапка на придонес треба да расте, но постепено, дали за два процентни поени или за три треба да пресметаме “, рече Мемов.

Според податоците од Управата за јавни приходи, од први јули годинава стапи на сила, таканаречената размената на стапки со кои придонесите за пензиско изнесуваат 19,9 проценти наспроти 18,8 кои важеа од 2020 година до јули 2026 година.

Повисоки придонеси или подоцна во пензија: кој ќе ја плати дупката во ПИОМ?

Растечкиот дефицит во пензискиот систем и предупредувањето за можно продлабочување на ниво над милијарда евра како и потребата од итни реформи од Фискалниот Совет, ја отворија дилемата во јавноста која реформа е помалку болна побрза и поедноставна за спроведување со цел намалување на дупката во ПИОМ – ново зголемување на стапката за придонеси за пензиско осигурување или зголемување на возрасната скала за пензионирање.

Според даночниот експерт Славко Лазовски, поедноставно решение е покачување на придонесите, што значи поскапи давачки за работодавачите за 709.000 вработени во земјава. Причината за ова решение го гледа во намалувањето на животниот век и на годините во кои македонскиот пензионер има можност да ја користи пензијата од 16 на 11 години. Според него, пред да се пристапи кон сериозни реформи потребно е да се исправат многу грешки во системот кои го прават неправеден.

„Да се намали ограничувањето за право на пензија, од 15 на 10 години работен стаж, да им се овозможи на семејствата на починатите, односно на дете чиј родител починал да може да ја користи неговата пензија и со само една година стаж, а не како што е досега со пет години. Во Европа тоа доволно е само една година“, изјави Лазовски за Колегиум.мк.

Анализата на „Фајненс тинк“, изработена за Фискалниот совет, покажува дека ниту една мерка сама не го решава проблемот, а поместувањето на пензиската возраст има ограничен дополнителен ефект во предложениот пакет реформи.

Според „Фајненс тинк“, структурниот дефицит во 2025 година достигнал околу 885 милиони евра или 5,2 отсто од БДП. Од него, 500 милиони евра се за пензии, потоа за транзициските трошоци за вториот столб долгот е над 300 милиони евра, додека а за здравствено осигурување на пензионерите одат околу 220 милиони евра. Околу 41 отсто од расходите на фондот се покриваат од буџетот.

Повозрасните вработени се плашат за годините, а помладите за придонесите

Повисоките придонеси носат дополнителни приходи од платите. Подоцнежното пензионирање, пак, потенцијално дејствува од две страни, работникот подолго уплаќа придонеси, а фондот подоцна почнува да му исплаќа пензија.

Сепак, моделот на „Фајненс тинк“ покажува дека промената на пензиската возраст во комбинираниот реформски пакет има мал дополнителен ефект, помал од 0,2 процентни поени од БДП. Тоа не е доказ дека мерката нема корист, туку дека во анализираното сценарио таа дава ограничено дополнително олеснување.

Пакетот опфаќа постепено зголемување на придонесот на 20 отсто, усогласување на пензиите само со инфлацијата, поголемо учество на жените на пазарот на труд и намалување на неформалното работење. Со него, дефицитот до 2030 година би се намалил на 4,2 отсто од БДП, наспроти 6,3 отсто без реформи.

Мемов смета дека сегашниот придонес не е доволен за финансирање на пензиите и дека стапката треба постепено да расте. Меѓу препораките претставени пред Фискалниот совет се и зголемување на старосната граница за една година и доброволно останување на работа подолго. За советите кои произлегуваат од анализата премиерот вели дека предлози и забелешки за реформи ги земаат предвид, но оти тие како Влада ја донесуваат крајната одлука.

Заштеда за буџетот, но ризик за висината на пензиите

За работниците, двете опции носат различен товар. Повисокиот придонес значи поголем износ издвоен од бруто-платата, додека повисоката старосна граница го одложува остварувањето на пензиското право. Ефектот врз нето-платите и трошоците на работодавачите ќе зависи од начинот на спроведување на промената.

Според проекциите, комбинирани реформи би ги намалиле потребните буџетски трансфери за околу 5,5 милијарди евра кумулативно во периодот 2026–2035 година, во споредба со сценариото без реформи. Тоа е заштеда во текот на десет години, а не сума со која веднаш би се затворил сегашниот дефицит. Но, подобрувањето на финансиската одржливост има и социјална цена. Ако пензиите се усогласуваат само со инфлацијата, тие ја следат промената на цените, но можат сè повеќе да заостануваат зад платите. Анализата проектира дека односот меѓу просечната пензија и нето – платата во такво сценарио би паднал на околу 22 отсто до 2050 година. Затоа се препорачуваат гарантирана минимална пензија и автоматски фискален механизам за усогласување, наместо повремени политички одлуки за зголемување.

Мицкоски: Не се водело сметка за вториот задолжителен столб

Мицкоски не одговори конкретно на прашањето дали Владата размислува за некое од понудениве препораки за реформи, ниту пак на коментарот дека моменталната ситуација значи дека од другите институции ќе се префрлаат пари во ПИОМ, затоа што е потребна реформа во ПИОМ.

„Реформата во ПИОМ, кога е направен вториот столб, не се водело сметка за задолжителниот втор столб и за резултатите после 10, 12, 15 години. Денеска ги гледаме тие резултати, но повторно ќе кажам, и покрај тие предизвици имаме стабилен пензиски систем и зголемување на пензиите какво што досега никогаш не се случило“, рече Мицкоски.

Креатор на реформата за Вториот пензиски столб беше поранешниот претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски во 2000 година кога беше министер за финансии во Владата на тогашниот премиер Љубчо Георгиевски. Целта на реформата која сега ја критикува премиерот Мицкоски тогаш била идната пензија да се обезбедува од повеќе извори и долгорочно да се намалат обврските на државниот фонд. Во првиот столб придонесите на вработените ги финансираат тековните пензии, во вториот, дел од придонесот се собира на индивидуална сметка и се инвестира за идната пензија на осигуреникот.