Мемов: „Дупката“ во ПИОМ расте, мора да пораснат придонесите за пензиско

Објавено:

Околу 1, 3 милијарди евра би можело во следните години да се продлабочи „дупката“ во пензискиот фонд ако итно не се спроведат реформи. Ова го покажува анализата на Фискалниот совет на Република Северна Македонија. Економските аналитичари кои се дел од овој Совет на денешната (05.10.26) презентација предупредија дека пензискиот систем е под притисок и дека кусокот на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување каде спаѓаат пензиите, трошоците за Вториот столб и придонесите за здравство достигнал 54,4 милијарди денари или 5,2 отсто од бруто-домашниот производ (БДП).

Дефицитот во ПИОМ моментално изнесува 5,2 % од БДП или дупка од 800 милиони евра. За само една година пак дефицитот се зголемил за над 160 милиони евра. Ако не се преземе наскоро нешто во 2030 година дефицитот би бил 6,3 проценти од БДП. Со тоа би го достигнал врвот од околу 6,6 проценти во 2035-2037 година, покажува анализата направена по барање на Фискалниот совет за одржливост на пензискиот систем.

Како најризичен период се посочува 2038-2048 година кога транзициските трошоци го достигнуваат врвот, а бројот на осигуреници на еден пезионер паѓа под 1,3. Анализата покажува дека од 2023 година расходите за пензии растат значително побрзо од приходите од придонеси поточно 19 проценти во 2025 година наспроти 8,8 проценти.

Можни решенија

Според Фискалниот совет, треба да се напуштат и ад хок решенијата за зголемување на пензиите како што се линеарните зголемувања.

Директорот на ПИОМ Никола Мемов смета дека решението е во раст на придонесите за пензиско осигурување.

„Овие 18,8 проценти не се доволни за сега ние самите да си ја платиме пензијата. Тоа го покажуваат и нашите пресметки. Оваа стапка на придонес треба да расте, но постепено“, рече Мемов.

Она што треба да се менува, според Мемов, е и сегашната методологија на исплата на пензиите.

„Сега се пресметуваат според просечната плата и годините на стаж, но и не според вкупниот придонес што го дава осигуреникот. Тоа го стимулира дефицитот затоа што вработените со големи плати кога ќе го достигнат нивото за пензија од 60 или максималната 85 илјади денари, престануваат да уплаќаат придонеси“, вели Мемов.

„Имаме случаи на граѓани кои примаат месечно плата и до 10 милиони денари, а плаќаат придонеси само на еден милион денари. Тоа мора да се смени“, истакна Мемов.

Тој додаде дека треба да се воведе заштитен механизам и контрола во делот кај повластените пензии.

„Третиот голем фактор кој предизвикува дефицит е административното зголемување на трошоците кон ФЗОМ. Со растот на пензиите, расте и обврската на ПИОМ кон ФЗОМ. Како растат пензиите, така расте и обврските на ПИОМ кон ФЗОМ, а цената на здравствените услуги не расте. Само за 2026 година, обврската на ПИОМ кон ФЗОМ е порасната за 3,5 милијарди денари затоа што пензиите се пораснати за седум илјади денари кумулативно, тоа значи 30 милијарди денари за 2026 година“, вели Мемов.

Академикот Абдулменаф Беџети смета дека и да се намали притисокот кон ПИОМ во однос на Фондот за здравство, тоа не помага во подобрувањето на решението од математичката задача.

„Со промена на формула би се намалил делот за пренос во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, но би се зголемил преносот кон Фондот за здравствено осигурување“, вели Беџети.

Како се управувал Вториот пензиски столб?

Во однос на Вториот пензиски столб, од каде се очекува дека ќе биде низок приносот за пензионерите, академикот Беџети посочи дека осигурителните друштва кои управувале со парите од тој столб, тоа го правеле „многу конзервативно“. Препораката на научната фела што ја изнесе тој е да се направи разлика меѓу возраста на осигурениците.

„За осигурениците со 10-15 години стаж, две третини од нивните пари да бидат вложени во поризични инвестиции, но кои ќе носат поголема добивка, на пример во пазарот на капитал. Затоа што ќе имаме пред нас 25-30 години додека тие се пензионираат. За тие со стаж од 15-30 години пристапот да биде балансиран меѓу инвестициите и ризикот во однос 50-50, а за тие што се на 10 години до пензионирање да остане конзервативното управување со нивните пари односно без ризични инвестиции“, рече академик Беџети.

Професорката Благица Петрески, која е автор на анализата, потенцирајќи дека тоа е само лично нејзино мислење, предупреди Вториот столб да не се чепка.

„Сметам дека играта со Вториот столб може да стане многу опасна игра. Потенцијално враќање во ПИОМ ќе даде фискална релаксација, но само ќе го одложиме проблемот“, рече таа.

Беџети, пак, посочи дека искуството од Полска за префрлање на вториот столб во државниот пензиски систем се покажало како грешка и затоа не се препорачува такво сценарио.

Во врска со шпекулациите дека државата ќе го „проголта“ Вториот пензиски столб во обид да го спаси ПИОМ, Мемов изјави дека тоа е неостварливо сценарио бидејќи со средствата што осигурениците ги префрлиле во Вториот столб управуваат пензиски друштва и државата нема пристап до тие пари, туку само врши контрола над управувањето со нив.

Според него треба да се воспостави скалесто преземен ризик за инвестирањето на тие средства.

„Приносите што ги имаат пензиските друштва не се доволни да обезбедат средства за повисоки пензии“, вели Мемов и додаде дека треба да се направат измени за пензиските друштва да можат да инвестираат послободно.