Македонското население старее без план, пензииите зависни од буџет, негата запоставена

Објавено:

Македонското население старее, ама во земјава нема доволно домови за грижа за стари лица. Државните ревизори откриле дека во 2024 година од државната каса биле одвоени речиси 700 милиони ерва за пополнување на „дупката “ во пензискиот фонд, но не се предвидени ниту потрошени пари за долготрајна нега на стари лица. Според ревизорскиот извештај „Стареење на населението“, постојат структурни слабости на кои државата треба да обрати внимание.

Една од нив е услугата за долготрајна нега која предвидува сместување во дом за стари лица, е достапна на само еден процент од постарата популација. Државните услуги за долготрајна нега се ограничени – услугата помош и нега во домот опфаќа околу 3.000 корисници, односно помалку од еден процент од лицата над 65 години, и не е воспоставена во 31 општина. Грижата во најголема мера ја преземаат семејствата и неформалниот сектор, што создава дополнителен социјален и економски притисок.

Дополнително страгегијата за стари лица е истечена пред пет години, и ниту една надлежна институција не изготвила нов план, како во иднина да се третира ова прашање.

Според ревизорите, тоа наметнува потреба од сеопфатни системски реформи и носи ризик од зголемена социјална исклученост во иднина. Нивните наоди покажуваат дека постојните политики не се доволни за среднорочна и долгорочна стабилност, а недостигаат системски решенија за справување со демографските промени.

Структурни слабости во пензискиот фонд

Пензискиот систем, како што посочуваат во извештајот, иако обезбедува редовна исплата на пензии, се соочува со структурни слабости. Економисти од поодамна укажуваат дека пензискиот фонд е на „стаклени нозе“ и се одржува со трансферите од државниот буџет. Лани на пример, Владата на Пензискиот фонд (ПИОМ) му префрли над 50 милијарди денари. Тоа се околу 10 милијарди денари повеќе во споредба со трансферот што ПИОМ го доби од Владата во 2024 година.

Ревизорите сметаат дека неговата одржливост е нарушена поради неповолни демографски трендови, ниска наплата на придонеси и зголемување на пензиите кое не е во согласност со растот на платите и вработеноста. Растот на пензиите се финансира преку зголемени буџетски трансфери, што ја одложува потребата од суштински реформи.

„Трендовите во првиот столб упатуваат на влошување на соодносот меѓу осигурениците и пензионерите, што има директно негативно влијание врз висината на приходите од придонеси и ја зголемува зависноста на пензискиот систем од дополнителни извори на финансирање“, се вели во извештајот.

Во извештајот се наведува дека првиот столб на пензискиот систем континуирано работи со дефицит, при што расходите ги надминуваат приходите од придонеси, а разликата се покрива од државниот буџет.

Во периодот 2014–2024 година, од државната каса се префрлаат од 32,6% до 43,6% во приходите на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување. Во 2024 година тие достигнуваат 42,4 милијарди денари, со тенденција на понатамошен раст.

Вториот столб се карактеризира со висока концентрација на инвестиции во државни обврзници, што обезбедува стабилност, но го ограничува потенцијалот за повисок принос и заштита од инфлација.

Во однос на финансирањето на пензискиот фонд, од 2019 до 2024 година се забележува стагнирање на бројот на вработени лица. Од друга страна, бројот на пензионери корисници на првиот пензиски столб бележи тренд на зголемување што е резултат на ефектот на забрзано стареење на населението во
земјата, се вели во извештајот.

Загрижуваат демографските трендови

Ревизорите утврдија дека постои загрижувачки демографски тренд со кој учеството на лицата над 65 години во вкупниот број на населението расте, додека младото население се намалува, главно поради емиграција. Забележано е намалување на бројот на ученици и матуранти во однос на бројот на родени деца.

Според проекциите на ДЗС, до 2055 година лицата над 65 години ќе сочинуваат над една третина од населението, бројот на лица над 80 години ќе се зголеми повеќекратно, а работоспособното население ќе се намали за околу 470.000 лица. Ова дополнително ќе го зголеми фискалниот притисок, при што буџетските трансфери за пензии би можеле да достигнат 7,4% од БДП. Во 2024 година околу 63.000 лица имале потреба од долготрајна нега, а до 2050 година оваа бројка ќе порасне на 108.000.

„Целта беше да се оцени дали преземените мерки од надлежните институции обезбедуваат соодветна грижа за лицата над 65 години и одржлив пензиски систем во услови на забрзани демографски промени“, се вели во соопштението на државниот завод за ревизија.

Ревизорскиот извештај упатува на заклучок дека има потреба од итен координиран и меѓуресорски пристап со јасни обврски, рокови и финансиска поддршка за да се подобри состојата со негата на старите лица и пензискиот систем.

Од Фискалниот совет (независно државно тело формирано од Собранието што изработува анализи за фискалните претпоставки и фискалната стратегија) анализираа дека секоја година бројот на пензионери се зголемува за 1.500 до 1.700 нови, додека растечката емиграција на младите ја намалува основата за собирање придонеси во пензискиот фонд.

Затоа, пред крајот на 2024 година, Фискалниот совет до Собранието достави Мислење со кое бара во 2026 година старосната граница за остварување на право за пензија на мажи и жени да се помести на 67 години, што Собранието не го усвои.

Државниот завод за ревизија, согласно Годишната програма за 2025 година, спроведе ревизија на успешност на тема „Стареење на населението“, како дел од меѓународна ревизија координирана од Врховната ревизорска институција на Израел, со учество на повеќе држави. Ревизијата го опфаќа периодот од 2014 до јуни 2024 година и има за цел да ја оцени грижата за лицата над 65 години и одржливоста на пензискиот систем во услови на забрзано стареење.