Францускиот претседател Емануел Макрон денеска побара од владата да подготви план за заштита на клучната инфраструктура, вклучително и објектите на одбранбената индустрија, од напади со дронови и кибернапади.
Макрон оцени дека хибридната закана со која се соочуваат Франција и Европа, особено од Русија, во последните недели дополнително се интензивирала.
„Заканата со која се соочуваат Европејците и Франција, а особено руската хибридна закана, дополнително се интензивираше“, изјави Макрон.
Тој ги посочи нападите со беспилотни летала и кибернападите врз критичната инфраструктура, предупредувајќи дека Франција и Европа ќе одговорат на ваквите закани.
Макрон ја обвини Москва дека се обидува да ги заплаши европските земји и да ја ослаби нивната поддршка за Украина.
„Не сме заплашени“, порача францускиот претседател, додавајќи дека безбедноста на Европа, сегашна и идна, е поврзана и со војната на Русија против Украина.
Макрон најави и дека во наредните недели ќе свика состанок на Групата седум (Г7), на кој ќе се разговара за координиран одговор на енергетската криза.


