Со тоа што оваа недела ја отвори вратата за Канада да стане првата „придружна членка“ на Европската Унија, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, му понуди надеж на премиерот Марк Карни, но и илузија, анализира агенцијата Асошиеитед Прес.
Постојат многу начини да се преземат чекори кон приклучување кон најголемиот светски трговски блок или кон продлабочување на трговските и политичките врски со него, но придружното членство не е еден од нив. Такво нешто едноставно не постои.
Сепак, без оглед на тоа колку беше нејасна, понудата на Фон дер Лајен претставува победа за Карни, кој е вклучен во трговска војна со американскиот претседател Доналд Трамп. Таа, исто така, ѝ нуди на ЕУ цврсто партнерство со уште една западна демократија, во време кога врските и довербата кон нејзиниот стар сојузник, САД, слабеат.
„Во овој нов свет, мора итно да ги преиспитаме нашите партнерства“, изјави Фон дер Лајен во средата.
Потоа, таа го стори токму тоа, обраќајќи му се на Карни: „Би сакала да соработувам со Вас на отворањето на вратата Канада да стане првата придружна членка на ЕУ“.
Дали таа мислеше на Договор за асоцијација?
Иако „придружното членство“ допрва треба да се дефинира, Договорите за асоцијација навистина постојат. Повеќе од 20 земји – од Албанија и Израел до Украина – веќе имаат такви договори со блокот.
Овие договори ги регулираат односите во областа на трговијата и безбедноста и се сметаат за важен чекор кон полноправно членство. Нејасно е како предлогот на Фон дер Лајен за придружно членство би се разликувал од нив, или дали Канада прво би морала да се согласи на таков договор.
Само земјите-членки на ЕУ можат да одлучуваат за проширувањето и договорите
Договорите за асоцијација и сите други одлуки поврзани со проширувањето на ЕУ и нејзините формални односи со надворешниот свет бараат едногласна согласност од сите 27 земји-членки на ЕУ, а Фон дер Лајен не спроведе широки консултации за својот предлог за придружно членство.
Обезбедувањето поддршка од сите 27 земји за оваа понуда, особено за онаа што е толку нејасна, ќе претставува голем предизвик.
Дури и меѓу оние што поддржуваат посилни врски со Канада, постојат одредени загрижености. Портпаролот на германската влада, Штефан Корнелиус, изјави дека Берлин ја поздравува идејата, но има одредени резерви – барем во однос на називот што би можел да му се даде на новиот вид на соработка.
„Отворени сме за дискусија за нови модели на партнерство. Но, треба да го преиспитаме концептот и називот поврзан со тоа“, рече тој по говорот на Фон дер Лајен.
Во мај, германскиот канцелар Фридрих Мерц ја повика ЕУ да размисли за понуда за придружно членство на Украина, која е зафатена од конфликт, со цел да се вдахне нов живот во преговорите насочени кон завршување на војната со Русија, која трае повеќе од четири години. Украина бара полноправно членство, и ништо помалку од тоа.
Канада ја прифати поканата
Самиот Карни ја поздрави поканата, но не беше сигурен каква форма би имала таа.
„Ќе ги дефинираме подобро основните насоки на овој нов сојуз“, рече тој во Европскиот парламент во четвртокот. Тој посочи дека самитот ЕУ-Канада во Монтреал, на 29 и 30 октомври, би бил добро место за почеток.
„Важна е суштината. Што всушност градиме заедно, како ги комбинираме нашите сили на начин што подобро им служи на нашите граѓани, ги штити нашите основни права и создава просперитет“, рече Карни.
Сепак, тој беше многу јасен во еден поглед.
„Канада не е во позиција, ниту пак се стреми, да стане полноправна членка на Европската унија“, рече тој.
Трамп е претпазлив поради потенцијален „непријателски чин“
Понудата секако го привлече вниманието на Трамп. Тој сугерираше дека дозволувањето Канада да стане придружна членка на ЕУ би можело да биде „непријателски чин“ и се закани дека ќе одговори со воведување дополнителни трговски ограничувања за блокот.
Трамп рече дека ако европските лидери постапуваат со „добра намера, тоа е во ред. Ако е со лоша намера, ќе воведеме многу високи царини за Европа“.
Карни инсистираше на тоа дека Канада, преку своите иницијативи кон ЕУ, не се стреми да создаде блок што би станал „ривалска голема сила, само со подобри манири“.
Ниту тој, ниту Фон дер Лајен не го спомнаа Трамп по име за време на нивните говори.
За Фабијан Зулиг, извршен директор на тинк-тенк организацијата „Европски центар за политики“ (European Policy Centre), реакцијата на Трамп покажала дека новото партнерство меѓу ЕУ и Канада е важно.
Но, Зулиг се согласува дека практичните аспекти на врските меѓу ЕУ и Канада се многу поважни од самото име.
„Етикетата сега мора да се исполни со конкретна содржина, а не да остане само уште една најава“, заклучува тој.


