Кос: „Супер вторник“ за проширувањето на ЕУ, пристапни конференции со четири кандидатки во еден ден

Објавено:

Денеска е „Супер вторник“ за проширувањето на Европската Унија(ЕУ), поради одржувањето пристапни конференции со четири земји кандидати во ист ден, оцени комесарката за проширување на ЕУ, Марта Кос.

Кос на платформата „Икс“ објави дека за првпат по повеќе од 20 години се одржуваат толку пристапни конференции во еден ден. На денешните конференции учествуваат Црна Гора, Украина, Молдавија и Албанија.

„Нашите предводнички Украина, Молдавија, Албанија и Црна Гора прават големи чекори напред“, наведе Кос, додавајќи дека Црна Гора е на чело на колоната како најнапредна земја во пристапните преговори.

Еврокомесарката посочи дека Украина и Молдавија го отвораат Кластерот 6, што ги опфаќа областите како одбраната и безбедноста каде, според неа, аргументите за нивното членство во ЕУ се особено силни.

„Албанија ќе ги затвори своите први поглавја, а Црна Гора е цврсто во завршната фаза на формалните преговори, со затворени 18 од вкупно 33 поглавја“, додаде таа.

Кос нагласи дека денешниот моментум мора да се претвори во „конкретни резултати на терен“.

„Денеска е ден и за славење и за поглед кон иднината. Ја имаме поддршката од земјите членки, но само доколку земјите кандидати ги исполнат условите“, заклучи европската комесарка Кос.

Кос беше во посета на Скопје на 8 јули и порача дека усвојувањето на уставните измени останува неопходно за почнување на пристапните преговори за членство на Северна Македонија со ЕУ. Јасно кажа дека проширувањето на ЕУ не е изградено врз однапред дадени гаранции, туку врз успешно завршени обврски и многу работа.

Оцени дека има охрабрувачки напредок во спроведувањето на реформската агенда со што Северна Македонија ја вброи во најдобите „изведувачи“ квалификувани во групата земји на кои ќе им бидат дадени дополнителни средства од европскиот План за раст.

„Усвојувањето на договорените уставни измени останува неопходниот следен чекор за формално започнување за остварување на пристапните преговори. Има сериозни изгледи дека до 2028 ЕУ ќе има уште една земја членка од територијата на Западен Балкан, а секако Северна Македонија треба да биде меѓу тие кои ќе се движат напред. Проширувањето на ЕУ не изградено на гаранции дадени однапред, туку се гради врз доверба, обврски, посветеност, нивно исполнување и работа“, изјави еврокомесарката Кос на прес-конференцијата со македонскиот премиер Христијан Мицкоски.

Инаку пораките што доаѓаат од високите претставници на Брисел во континуитет се дека Македонија треба да ги исполни преземените обврски, кои покрај реформите во неколку клучни области, ги вклучуваат и уставните измени кои произлегуваат од договорениот европски пакет од 2022 година.

Позицијата на актуелната влада е дека нема да се впушти во процес на донесување на уставните измени со кои се бара внесување на бугарското малцинство во Уставот, се додека не се добијат гаранции дека нема да има нови билатерални условувања од бугарска страна.

Северна Македонија има статус на кандидат од 2005 година. Таа заедно со Албанија, во јули 2022 ја одржа Прва меѓувладина конференција со Брисел, но за втората и за отворање на кластерите во рамки на преговорите со ЕУ, треба да ги направи уставните измени со кои ќе ја вметне бугарската заедница во Преамбулата од Уставот.

Покрај уставните измени, ЕУ бара и реформи во владеењето на правото, борбата против корупцијата и функционирањето на институциите.