Канадскиот премиер Марк Карни денеска ја поздрави идејата неговата земја да стане прва придружна членка на Европската Унија (ЕУ), изразувајќи мислење дека Канада и ЕУ се „посилни заедно“, објавија француските медиуми.
„Канада ја поздравува оваа амбиција и можам да ви кажам дека анкетите покажуваат оти огромно мнозинство Канаѓани поддржуваат многу поблиски врски со Европа“, изјави тој пред Европскиот парламент во Стразбур, каде што беше пречекан со продолжен аплауз.
Аплауз за поддршка доби и шефицата на ЕУ, Урсула фон дер Лајен, кога вчера го даде предлогот до Канада, а денеска ваков предлог добија и Австралија и Нов Зеланд.
„Земји како Австралија и Нов Зеланд би можеле да го следат примерот на Канада и да станат придружни членки на Европската Унија во време кога земјите со слични размислувања се стремат да ги зајакнат меѓусебните врски. Постојат земји со кои сакаме да го продлабочиме нашиот однос. Не се сомневам дека ова ќе вклучи и други земји и дека други ќе ни затропаат на вратата. Во неизвесни времиња како ова важно е да имаме пријатели“, изјави претседателката на Европскиот парламент, Роберта Мецола, за „Евроњуз“.
Прашана за техничките детали за придружното членство, Мецола потврди дека дискусиите сè уште се во почетна фаза.
Европската Унија веќе има трговски договори со Австралија и Нов Зеланд, што може да биде почетна точка за поблиска соработка. Сличен однос беше предложен и со Канада, која потпиша сеопфатен трговски договор со ЕУ во 2016 година.


