Времено се одложува вакцинацијата со БСЖ(бе-се-же) вакцината по информации дека во Хрватска се појавиле несакани реакции по оваа вакцина, соопшти Министерството за здравство (МЗ). Одлуката ја донела Комисијата за имунизација која почнала проверка на сериите што се користат кај нас, нивниот квалитет и поврзаноста со евентуална појава на неесакани реакции.
Вакцината и во Македонија и во Хрватска е од ист производител, ББ-НЦИПД д.о.о. од Софија, Бугарија.
„Веднаш е контактирана Агенцијата за лекови и медицински средства (МАЛМЕД) и се побарани информации за сериите на вакцини што се користат во нашата држава“, соопштија од Министерството за здравство.
БСЖ вакцината штити од туберкулоза и е задолжителна, според календарот за имунизција. Оваа вакцина им се дава на бебињата пред да бидат отпуштени од родилиште. До крајот на првата година детето се вакцинира со бесеже-вакцина без претходно тестирање за туберкулоза.
За десет години, една пријава до Агенцијата за лекови
Во минатите десет години до Агенцијата за лекови (МАЛМЕД) е пристигната само една пријава за сомнеж на несакана реакција од БСЖ вакцина (во август 2022 година), која се однесувала на појава на апцес на местото на апликација на вакцината, што како реакција е опишано во упатството за употреба на вакцината,пишува во соопштението од министерството.
Агенцијата за лекови и медицински производи на Хрватска (ХАЛМЕД) денеска на својата официјална веб-страница објави дека дистрибуцијата и употребата на сите серии на БСЖ (Bacillus Calmette–Guérin) вакцини против тешки форми на туберкулоза се суспендирани во Хрватска, објавија хрватските медиуми.
Суспензијата се спроведува како превентивна мерка поради сомневање за можен дефект во квалитетот на вакцината.
Пријавените несакани реакции се однесуваат на сериите 807-1 и 683-1, кои се користеле за вакцинација во периодот помеѓу третиот квартал од 2023 година и почетокот на 2026 година. ХАЛМЕД соопшти дека родителите на деца кои не покажуваат симптоми не треба да преземаат посебни мерки ниту да ги испраќаат децата на дополнителни испитувања.
ХАЛМЕД ги објави и броевите на сериите за сите вакцини од производителот „Bul Bio NCIPD“ кои биле на пазарот во Хрватска од 2017 година. Станува збор за сериите 443-1, 464-1, 463-2, 504, 556, 594, 636-2, 683-1, 807-1, 960 и 963-1. Доколку детето примило БСЖ-вакцината од друга серија, тоа значи дека вакцината била од друг производител и не е опфатена со оваа суспензија. Сепак, ХАЛМЕД предупредува дека овој редок несакан ефект може да се појави и кај други БСЖ-вакцината, така што конкретната серија не е одлучувачки фактор за родителите во однос на понатамошните чекори.
ХАЛМЕД ја донесе оваа одлука откако годинава доби четири пријави за сомнителен остеомиелитис (ретка инфекција на коските што може да биде предизвикана од ослабен сој на бактериите што се наоѓаат во вакцината) по употребата на таа вакцина. Во периодот од 2005 до 2025 година, имаше само еден извештај за истиот сомнителен несакан ефект поврзан со БСЖ вакцините. Вакцините беа администрирани во различни здравствени установи, поради што, според ХАЛМЕД, е помалку веројатно дека станува збор за грешка при вакцинацијата.
Бидејќи во моментов нема друга вакцина достапна за новороденчиња, вакцинацијата во породилиштата нема да се спроведува додека не се заврши истрагата.
Со навремена дијагноза и соодветен третман, се очекува целосно закрепнување од остеомиелитис.
„Стоп“ и во Босна и Херцеговина
По информациите од Хрватска, и Босна и Херцеговина од денеска привремено го стопира вакцинирањето со БСЖ.
„Оваа препорака е дадена превентивно, како мерка на претпазливост и заради понатамошно истражување, како дел од одговорното управување со програмата за превентивна имунизација. Безбедноста на луѓето што се вакцинираат и внимателната проценка на сите достапни информации се основните принципи што нè водат во спроведувањето на програмата“, објави Институтот за јавно здравје на Федерацијата Босна и Херцеговина (ФБиХ).
Црвенило, мал оток или рана што се појавува две до три недели по вакцинацијата е очекувана реакција и знак за успешна вакцинација. ХАЛМЕД, исто така, наведува дека јавноста ќе биде навремено информирана доколку продолжи вакцинацијата со оваа или која било друга БСЖ вакцина.
Во родилиштата во Северна Македонија годишно се раѓаат по околу 16.000 деца кои се подложни на БСЖ вакцина, според календарот за имунизација.


