Во руски напад со бомба врз источниот украински град Краматорск загинаа најмалку 33 лица, соопштија денеска властите, опишувајќи го нападот како намерен удар врз цивили во едно од клучните упоришта што Москва настојува да го освои.
Уште 18 лица се повредени во еден од најголемите поединечни напади годинава.
Нападот се случил на улица на која во тој момент сообраќале два градски автобуса, соопшти полицијата. Претседателот Володимир Зеленски го опиша местото како автобуска постојка.
На фотографиите што ги објави полицијата се гледаат тела расфрлани по улицата полна со остатоци, како и јагленосаната конструкција на она што изгледа како автобус.
„За нив автобус со патници е привлечна цел токму затоа што со еден напад може да загинат што е можно повеќе луѓе“, изјави регионалниот гувернер Вадим Филашкин на апликацијата „Телеграм“.
Од Москва засега нема реакција за нападот. Русија негира дека намерно гаѓа цивили, иако редовно изведува напади врз украински градови, населени места и други цели откако во февруари 2022 година ја започна инвазијата.
Денешниот напад се случи еден ден откако во масовен руски воздушен напад низ Украина, главно насочен кон електроенергетската мрежа на земјата, загинаа десетици луѓе.
Одделно, денеска во утринските напади со дронови врз главниот град Киев загинаа три лица, а 14 беа повредени, соопшти градоначалникот Виталиј Кличко.
Руските сили често изведуваат бранови напади врз Киев во услови на недостиг од украинска противвоздушна одбрана.


