Во пресрет на објавувањето на добитникот на Нобеловата награда за мир, американскиот претседател Доналд Трамп порача дека е време признанието да му припадне нему.
„Не знам каква ќе биде нивната одлука. Тие имаат репутација дека можеби не ја доделуваат на луѓе како мене“, рече Трамп за наградата за 2026 година, која Норвешкиот Нобелов комитет ќе ја објави утре.
Откако минатата година се врати во Белата Куќа, Трамп повеќепати повтори дека заслужува да го добие ова престижно признание.
„Време е за тоа. Бев многу почестен што минатиот пат ја примив индиректно од добитничката, која рече дека никој во историјата не го заслужува тоа повеќе од претседателот Трамп“, им рече американскиот претседател на новинарите во Овалната соба.
Лидерката на венецуелската опозиција, Марија Корина Мачадо, во јануари му го предаде својот медал од Нобеловата награда за мир за 2025 година на американскиот претседател, во момент кога бараше поддршка од САД за своите напори во Венецуела.
Трамп рече дека треба да ја добие наградата откако се вклучил во осум глобални конфликти по стапувањето на должност.
Страните во некои од конфликтите за кои Трамп тврди дека ги решил ја оспоруваат дипломатската улога на американскиот претседател, а борбите повторно избувнаа во некои од тие региони.
Папата Лав XIV, Меѓународниот кривичен суд и специјалниот известувач за палестинските територии се меѓу фаворитите за годинашната Нобелова награда за мир.


