Трамп се вклучи во кампањата за изборите во ноември

Објавено:

Со посети на Тексас и Оклахома, американскиот претседател Доналд Трамп ја почна предизборната кампања, настојувајќи да ги зајакне позициите на републиканските кандидати додека неговата партија се бори да го зачува тесното мнозинство во Конгресот на изборите во ноември.

Трамп сака да биде главното лице на партиската кампања за меѓуизборите, што ќе трае 32 дена.

„Ве молам, гласајте како јас да се кандидирам“, рече Трамп вчера на собирот во Дјурант, Оклахома.

Трамп ја почна кампањата во области каде што републиканците традиционално уверливо победуваат, прво во Дентон, Тексас, а потоа во Оклахома, настојувајќи да создаде замав пред да влезе во понеизвесни изборни трки.

По пристигнувањето во Тексас, Трамп изјави дека неговите патувања оваа недела, вклучително и посетата на Алабама денеска, се знак на „почит“ кон сојузните држави што го поддржаа во неговите три претседателски кампањи.

Во 55-минутниот говор во Дентон, Трамп порача дека целосно се вклучува во републиканската кампања за меѓуизборите.

„Никогаш претходно не сум бил толку посветен на ова“, рече тој и изрази загриженост за резултатите на републиканските кандидати во некои клучни сојузни држави.

Трамп се соочи со критики низ целиот свет поради воведувањето царини.

За време на посетата на Тексас тој ја бранеше својата трговска политика.

Трамп ќе ги продолжи предизборните собири во Алабама, уште една сојузна држава во која републиканците традиционално имаат цврста поддршка, а утре треба да го посети политички понеизвесниот Охајо.