Пет илјади долари во битка за Конгресот: Зошто изборите му се важни на Трамп?

Објавено:

Претседателот на САД, Доналд Трамп најави исплата од 5.000 долари за Американците кои ќе гласаат за Републиканците да ги задржат и Претставничкиот дом и Сенатот.

Но, тоа не значи дека Трамп ќе им плаќа толку пари на луѓето за нивниот глас. Тоа е ветена владина исплата. А, за неа ќе треба одобрение од Конгресот.

Што ќе се случува во САД на 3 ноември?

Американците ќе гласаат на конгресните, или „midterm“, избори. Се избираат сите 435 членови на двата дома на конгресот. А резултатот може сериозно да влијае врз вториот мандат на Доналд Трамп. Изборите се одржуваат на средината од вториот мандат на Трамп.

Во моментов, Републиканската партија има тесно мнозинство во двата дома на Конгресот. Тоа му овозможува на Трамп да смета на поддршка од Конгресот за дел од неговите политики, но малата разлика значи дека промената на само неколку места може да ја смени контролата врз институциите.

Зошто овие избори му се толку важни на Трамп?

Затоа што Републиканците моментално ги контролираат и Претставничкиот дом и Сенатот. Ако го задржат мнозинството, Трамп полесно ќе ја спроведува својата агенда – од даноци и имиграција до буџетот и економската политика.

Контролата врз Конгресот има директно влијание врз тоа што претседателот може да направи. Конгресот носи закони, одобрува федерално финансирање и има значајна улога во надзорот врз извршната власт.

Што доколку Демократите освојат еден од двата дома на Конгресот?

Тогаш работата за Трамп станува покомплицирана. Демократите би можеле да блокираат дел од неговите законски планови и да отворат нови истраги за неговата администрација.

Доколку Републиканците го задржат мнозинството, Трамп би имал поповолна институционална позиција за продолжување на политиките во втората половина од мандатот.

Економијата меѓу главните теми

За гласачите, економските прашања се очекува да бидат меѓу најважните теми. Цените на храната, горивото и општите трошоци за живот се дел од прашањата што ја обликуваат дебатата во пресрет на изборите.

Во септемвриска анкета на Reuters/Ipsos, рејтингот на Трамп падна на 32 проценти. 

Анкетата покажа дека гласачите се помалку се определуваат да ги поддржат републиканците на Трамп на среднорочните избори на 3 ноември, кои ќе одредат кој ќе го контролира Конгресот во следните две години. Вкупниот рејтинг на поддршка на Трамп падна од 35 проценти во анкетата минатата недела, а поддршката меѓу самите републиканци падна од 82 проценти на 73 проценти претходната недела.

Рејтингот на поддршка на Трамп е понизок од кој било друг забележан за неговиот демократски претходник, Џозеф Бајден.

Сенатот ќе биде особено важен

Борбата за Сенатот е една од клучните линии на овие избори. За демократско мнозинство би било потребно да освојат четири места, а повеќе сенаторски трки се очекува да бидат конкурентни.

Сенатот е особено важен за претседателот, бидејќи има улога во потврдувањето на бројни претседателски номинации, вклучително и за федерални судии и високи функционери.

Што може да се очекува?

До изборниот ден остануваат уште неколку недели, па конечната слика може да се промени. Најголемо внимание ќе привлечат тесните трки за Сенатот и Претставничкиот дом, како и расположението на гласачите во однос на економијата и работата на администрацијата.

И тука е дилемата – што ќе биде со ветените 5.000 долари? Проценките се дека програмата би можела да чини повеќе од трилион долари.

Затоа овие не се само избори за Конгресот. Тие се и тест за Трамп: Колку политичка моќ ќе има до крајот на мандатот и дали неговото ветување од 5.000 долари за глас воопшто ќе може да стане реалност.