Шефот на Вишото јавно обвинителство Битола под истрага, одредени мерки на претпазливост

Објавено:

Мерки на претпазливост му се определени на Пецо Везироски, шефот на Вишото јавно обвинителство Битола, против кого е поведена истрага поради сомнение за примање награда за противзаконито влијание, соопшти денеска Кривичниот суд Скопје.

Според соопштението, судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје, постапувајќи по предлог на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), определи мерки на претпазливост против П. В., виш јавен обвинител од Битола.

Предлогот на ОЈО ГОКК е прифатен по сослушување на осомничениот во присуство на неговиот бранител, како и по разгледување на фактите и доказите содржани во предлогот.

„Против В. П., кој се сомничи за кривично дело примање награда за противзаконито влијание, со оглед на фактот дека судот не може да му определи построга мерка од мерката предложена од јавниот обвинител, му се определуваат мерки на претпазливост, како одземање на патната исправа и забрана за преземање определени работни активности“, стои во соопштението од Кривичен, а против ова решение, странките имаат право на жалба пред Кривичниот совет на овој суд.

Претходно Министерството за внатрешни работи (МВР) соопшти дека Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал до ОЈО ГОКК поднесе кривична пријава против П. В. од Прилеп поради сомнение дека сторил кривично дело примање награда за противзаконито влијание.

Според пријавата, П. В. во својство на виш јавен обвинител во Вишото јавно обвинителство Битола во повеќе наврати влијаел врз донесувањето одлуки од страна на други јавни обвинители, со цел изрекување поблаги казни за сторителите.

Во полициското соопштение се вели дека вишиот обвинител е лишен од слобода, а во рамките на претресите извршени во неговиот дом во Прилеп и во службените простории што ги користи, се пронајдени и одземени шест мобилни телефони, уесбе и еден персонален компјутер.