Три лица загинаа, а десетици се повредени во напади врз две аеродрома во Саудиска Арабија, соопшти саудиската Управа за цивилно воздухопловство (GACA).
Нападите биле извршени во вторникот и средата врз аеродромите во Ријад и Абха, соопшти Управата на социјалната мрежа „Икс“.
Во нападот врз аеродромот во Абха, на југозападот на земјата, загинале две жени, државјанки на Алжир и Мароко, а повредени се 28 лица, меѓу кои и саудиски државјани.
Во нападот врз аеродромот во Ријад загинал државјанин на Судан, а уште осум лица се повредени.
Во двата напада е причинета и материјална штета, но Управата не соопшти дополнителни детали.
GACA не наведе кој стои зад нападите ниту од каде биле извршени.
Јеменските бунтовници Хути, кои се поврзуваат со Иран, претходно преземаа одговорност за напади врз двата аеродрома.
Во понеделникот објавија дека истрелале балистичка ракета кон меѓународниот аеродром во Абха. Хутите во последните денови ги засилија нападите врз цели во соседна Саудиска Арабија, додека војната во Јемен ескалира.
Саудиска Арабија ја поддржува меѓународно признатата јеменска влада и повеќепати изведуваше воздушни напади врз шиитските бунтовници.
Според наводите на јеменската влада, владините сили во неделата започнале офанзива со цел повторно да ги заземат сите подрачја под контрола на Хутите.


