Двете осомничени раководителки за проневера во Државна лотарија добија притвор и куќен притвор, информираа од Основниот кривичен суд Скопје.
Станува збор за две вработени во оваа државна компанија за кои Основното јавно обвинителство Скопје вчера (7 октомври) отвори истрага за проневера на речиси 80 милиони денари.
Според Обвинителството, првоосомничената, која била директорка на Секторот за финансии и сметководство, и второосомничената, шефица на финансиски работи, во текот на цела 2024 година заедно присвојувале пари што им биле доверени во службата, со намера да стекнат противправна имотна корист.
Како што наведе ОЈО Скопје, двете осомничени биле овластени за подигнување готовински средства наменети за исплата на мали добивки, како и задолжени за прием и уплата на дневниот промет од продажните места на Државна лотарија.
Но, наместо да го уплатат и депонираат дневниот промет на трансакциските сметки на друштвото во деловните банки, тие, според обвинителството, го присвоиле за себе. Дополнително, од банкарските сметки на Државна лотарија подигале и други парични средства, кои исто така ги присвојувале.


