Премиерот Христијан Мицкоски вели дека владата што ја предводи е избрана со мандат од четири години, но тој е подготвен и за предвремени парламентарни избори.
Во гостување на Алсат ТВ тој рече оти опозицијата во секое време може да поднесе барање за избори.
„Мојот став е јасен, ние сме влада избрани за мандат од 4 години и тука немаме никаква дилема и исто така неколку пати сум го повторил во јавноста дека здружената опозиција Левица, ДУИ, СДСМ можат секое време да поднесат барање. Политичар без разлика дали е во власт или во опозиција, треба секогаш да е подготвен за избори затоа што не се знае кога може да се да се случат“, посочи Мицкоски.
Она што е негова порака во моментов, како што рече, е дека работат за четиригодишен мандат како коалициска влада заедно со партиите ЗНАМ и ВЛЕН.
Од опозицскиот блок, досега порачуваа дека и тие се подготвени за избори. На нив, неколку пати инсистираше и ДУИ, додека од СДСМ паралелно порачуваа и дека не сакаат да бидат алиби на власта.
Лидерот на социјалдемократите, Венко Филипче, неколку пати посочи дека власта има двотретинско мнозинство во Собранието и може сама да донесе одлука за избори.
„Зошто ние да му бидеме алиби на Христијан Мицкоски? Зошто треба некој да му даде алиби за избори? Изборите доаѓаат после еден одреден временски период во којшто таа политичка структура којашто е на власт требала нешто да испорача. Што да испорача? Тоа што ветила“, рече Филипче на прес-конференција на 5 октомври.
Тој додаде дека наместо да бара оправдување за предвремени избори, Мицкоски треба да даде отчет за ветувањата со кои ја доби поддршката и за она што досега го има испорачано неговата Влада.
Претходните парламентарни избори се одржаа во мај 2024 година. На крајот на јуни истата година беше изгласана владата предводена од Мицкоски. Редовните парламентарни избори треба да се одржат пролетта 2028.


