Дали ќе има предвремени парламентарни избори или не? Кому му одговара, а кому не ново изборно соочување?
Повторно овие прашања се актуелни меѓу политичките актери во Македонија откако со изјави и ставови излегоа од дел од најголемите партии во Собранието.
Премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, вели дека граѓаните бараат избори туку реформи ама ако опозицијата мисли дека тие се потребни, тогаш ќе одговорат на тоа барање.
„Ние како коалиција имаме добиено легитимитет од граѓаните за да бидеме Влада четири години. Но, она што јас вчера го кажав, ќе го потврдам, а тоа е доколку опозицијата мисли дека се потребни предвремени избори, се разбира, ние нема да седиме на страна како кукавици, туку ќе одговориме на тоа барање позитивно и се разбира дека ќе ги победиме – изјави Мицкоски.
Лидерот на опозицискиот СДСМ, Венко Филипче, пак, веднаш му одговори дека тие се спремни за изборно соочување, но нема да му бидат алиби на Мицкоски.
„Не, нема да бидеме алиби. Избори ќе има кога ќе им снема пари за коруптивни тендери. Тоа нив ги интересира, ништо друго“, рече Филипче.
Тој вели дека следниот месец ќе презентираат и Мастер план за Македонија во неколку чекори, што би го исполниле ако граѓаните им дадат доверба на следните избори, кога и да бидат тие.
Се огласија и од ДУИ со порака оти „премиерот конечно разбрал дека ваквата состојба е неодржлива и оти на државата и е потребен нов политички мандат“.
„ДУИ бара изјавата на премиерот веднаш да се претвори во конкретно дејствување. Бараме во наредните денови да се утврди најбрзиот уставен рок, да започнат изборните подготовки и на граѓаните да им се даде можност да одлучат за насоката во која ќе се движи државата“, велат од оваа опозициска партија.
Според интегративците, актуелната Влада го загубила легитимитетот да продолжи со европската изолација, со влошување на меѓуетничките односи, нарушувањето на Охридскиот рамковен договор и со послабата застапеност на Албанците во институциите.
Од ВРЕДИ, исто како и од ЗНАМ – двата коалициски партнери на ВМРО-ДПМНЕ, денеска не се огласија, но изминатиов период порачуваа дека се подготвени за избори.
Последните парламентарни избори во Македонија се одржаа во мај 2024 година. Тогаш дојде до промена на власта во земјава. ВМРО-ДПМНЕ по седум години опозиција се врати на власт праќајќи го СДСМ во опозиција. Промени имаше и во албанскиот блок, па ДУИ по околу две децении се симна од власт и стана опозиција, со оглед дека ВМРО-ДПМНЕ коалицираше со ВРЕДИ (ВЛЕН). Во власта влезе и ЗНАМ на градоначалникот Максим Димитриевски, со шест пратеници, исто како и опозициската Левица.


