Македонија, Србија и Словенија со заедничка кандидатура за организација ракометното ЕУРО 2034

Објавено:

Ракометните федерации на Македонија, Србија и на Словенија официјално поднесоа заедничка кандидатура за организација на машкото ЕХФ ЕУРО 2034, соопштија од македонската федерација

„Трите земји со богата ракометна традиција ги здружија силите со јасна амбиција заеднички да бидат домаќини на еден од најголемите настани во европскиот ракомет. Сите три федерации ја истакнуваат својата целосна подготвеност во процесот на кандидатурата и евентуалната организација на првенството во целост да ги почитуваат правилата и насоките на Европската ракометна федерација (ЕХФ), како и да ги исполнат сите неопходни организациски, инфраструктурни и други услови за одржување на натпреварувањето на највисоко ниво“, се наведува во соопштението од РФМ.

Претседателот на Ракометниот сојуз на Србија, Божидар Ѓурковиќ, вели дека верувам во капацитетите на трите федерации имаат за организација на еден ваков голем спортски настан.

„По низата состаноци и договори што ги постигнавме, дојде моментот сите три федерации официјално да поднесат заедничка кандидатура за организација на ЕХФ ЕУРО 2034. Верувам дека сите три федерации имаат организациски капацитети, искуство и човечки ресурси едно вакво големо натпреварување да го организираат на највисоко ниво. Нашата кандидатура ја опфаќа целокупната инфраструктура потребна за организација на првенството, од спортски сали, хотели и сите останати сегменти неопходни за одржување на едно големо меѓународно натпреварување. Верувам дека нашата заедничка кандидатура ќе биде најсериозна. Во овој момент е тешко да се зборува за тоа дали ќе има и други кандидатури и каква ќе биде конечната одлука на EHF, но она што можам да го кажам е дека со заеднички сили ќе направиме сè за нашата кандидатура да ја претставиме на најдобар можен начин и да му покажеме на EHF дека сме најдоброто решение за организација на еден толку голем настан“, изјавил Ѓурковиќ.

Стефанов: Ова е голем чекор напред за РФМ

Претседателот на Ракометната федерација на Македонија, Александар Стефанов, вели дека му е посебна чест и задоволство што Ракометната федерација на Македонија прави уште еден значаен чекор напред и што, заедно со ракометните федерации на Србија и Словенија, учествува во заедничката кандидатура за организација на машкото EHF EURO 2034.

„Верувам дека сите три федерации, со своето богато искуство, капацитети и ракометна традиција, ги имаат сите предуслови да одговорат на барањата и стандардите на Европската ракометна федерација и успешно да организираат Европско првенство на највисоко ниво. Македонија е ракометна земја. Ракометот со децении е длабоко вкоренет во нашата спортска традиција и историја, создавајќи генерации успешни ракометари и ракометарки. Со својата популарност, како и со резултатите остварени на европско и светско ниво, слободно можам да кажам дека ракометот е спорт број еден во Македонија и дека тоа останува така“, вели Стефанов.

Според претседателот на Ракометниот сојуз на Словенија, Бор Розман, вели дека сите три држави имаат знаење за ваков проект.

„Желбата на ракометните федерации на Словенија, Србија и Македонија е со заеднички сили да го организираме машкото Европско првенство ЕХФ ЕУРО 2034, бидејќи веруваме дека за еден таков проект имаме многу знаење, искуство, квалитетна инфраструктура и, пред сè, силна ракометна традиција. Пред Европската ракометна федерација ја изразивме нашата заедничка намера, а пред нас е период во кој сите три федерации тесно ќе соработуваат и заеднички ќе ги вложат сите неопходни напори за да подготвиме квалитетна и конкурентна кандидатура. Нашата цел е пред ЕХФ да претставиме проект кој ќе покаже дека можеме да организираме Европско првенство на највисоко ниво и на репрезентациите и навивачите да им понудиме одлични услови“, вели Розман.

Тројцата претседатели се сложуваат дека сите три федерации се подготвени да соработуваат како меѓусебно, така и со сите надлежни институции и градови кои ќе бидат вклучени во проектот, бидејќи тој далеку ги надминува рамките на спортот и на земјите домаќини и градовите им носи бројни позитивни ефекти, за кои верувам дека сите заедно ќе ги искористиме на најдобар можен начин.