Дејвид Гета низ Скопје шета, мене не ми смета

Објавено:

Несмасниот обид за стих и рима во насловот нема врска со текстот кој ќе го прочитате подоле, едноставно сакав да се пробам во рапот и да го покажам својот неталент.

Можеби би позавиделе Врчак од крај на девеести или некој од модерниве несреќи на АјТјунс сцената, но реално не ме земајте како сериозен текстописец.

Како и да е, занемарете го форматот, да се задржиме на содржината од насловот.

Најавата за гостувањето Дејвид Гета, едно од најпознатите имиња во музичката индустрија денес, на денот на независноста, ги разгори страстите во македонскиот етер, ја разбуди потребата на македонскиот граѓанин да го искаже и сподели своето мислење во јавност.

Секако, повеќето од мислењата се релевантни колку став на просечен инфлуенсер, но тоа не значи дека јавноста ги занемарува и третира како такви.

Во првиот бран се јавија заштитниците на националниот идентитет, таканаречени тему патриоти, со прашање „Зашто не настапуваат македонски артисти“, „Шо носите странци..?“, „Немаме ли ние наши пејачи?“ итн.

Небаре треба да „заглавиме“ само на тоа што се продуцира во овие 25 илјади квадратни метри и да не следиме што тоа се „свири“ таму надвор од граница.

Да не се разбереме погрешно, имам огромна почит кон македонските изведувачи, поготово на алтернативната музичка сцена – ги сметам за страшно талентирани и продуктивни, но тоа што се пласира на вакви „масовки“ секогаш е некој просечен поп-шљам кој настапува пред публика само кога има загарантиран хонорар од општината. Во спротивно не може да продаде повеќе од 400 билети за свој концерт.

По нив, следуваше одбрана од „дошљаци“. Овој пат не се свртеа Скопјани против провинција, овој пат засмета посетата на гости од соседните држави. Срби, Албанци, Бугари беа на мета… Шо мајка бараат гости од странство на прославата на државноста? Они ли ќе ни ја слават државноста?

Наместо да ни биде привилегија тоа што конечно ќе го интернационализираме нашиот државен празник и да бидеме горди што во прославата ќе ни се придружат луѓе дојдени со мисла за добра забава, ние повторно гледаме како да го сегрегираме нашето стадо од останатите балкански овци.

И на крајот се јавија сезонски посетители на настани… оние што гледаат фудбал само на светско, ракомет кога игра Македонија, а на концерт одат само кога „е многу јако дека сите ќе идат“… и на џезот.

Тие изрипаа со стручен осврт и забелешки за организација на настанот, знаат се. Од регулација на билети до „фејс контрол“ кој смее, а кој не смее да присуствува на настанот.

Е сеа, тука доаѓа најбитниот дел од процесот на реализација на ваков настан, делот кој македонското граѓанство најчесто не го интересира и не е тема со која ќе се бави.

Како се трошат јавните (нивните) пари и со кои средства ќе се реализира овој настан?

Во години во кои културата се третира како испрдок на општественото живеење, а средствата за реализација на културни активности се кратат ко владина пресметка на потрошувачката кошничка, никој (или само исклучоци) не ја покрена темата „Како некој доби привилегија да го организира овој настан без јавен повик?“ или „Како одеднаш има пари за култура, но владата сама ќе одлучи на кој ќе ги додели“.

Со години наназад, се делат трошки на „културњаците“, а од нив се бара транспарентност и мал милион документи при апликација на нивните проекти пред ресорното министерство или други институции кои треба да го распределат државниот буџет за култура, но во случајов сите процедури испаднаа небитни, а настанот беше апансас најавен на пресс-конференција, како партнерство помеѓу Владата и приватен субјект.

Тоа е вистинското прашање кое треба да не помачи. Можеби има и таква законска процедура, но никој не ја објавува. Едноставно нека ја појаснат.

Заклучок. Немам ништо против тоа државава да процути и да имаме можност на наше тло да гледаме светски етаблирани изведувачи, само и тоа како имам проблем со фактот дека државата за едни е мајка, а за други макеа.

Да ни е среќен денот на независноста!