Светската музичка ѕвезда, Дејвид Гета, ќе настапи по повод 35-годишнината од независноста на Македонија, соопштија денеска (12 мај) од Владата и од Авалон продукција, која ќе биде организатор на прославата.
На Денот на независноста – 8 Септември, тој со своето шоу (The Monolith Stadium Show) ќе настапи на националниот стадион „Тоше Проески“. Засега нема информации колку тоа ќе чини.
Според најавите, спектаклот ќе може да се следи со регистрација за симболична цена од 35 денари по човек. Секој ќе биде ограничен на најмногу две влезници, а ќе може да се регистрира и публика од странство.
Сопственикот на продукцијата Авалон, Бобан Милошевски, вели дека „David Guetta – The Monolith Stadium Show“ е најголемото шоу во Европа. Од продукциски аспект, го опиша како „досега невидено во светски рамки“.
„Истото шоуто кое Дејвид Гета го работи за 300.000 посетители за три дена на стадионот во Париз, во арената во Амстердам за 100.000 посетители, и на хиподромот во Милано, еден ден пред Скопје, за околу 80 000 посетители. Истото тоа шоу така ќе изгледа и во Скопје на 8 септември“, рече Милошевски.
За тоа колку ќе чини настапот на Гета, тој не даде конкретна сума, но потенцираше дека влезниците за неговите концерти на стадиони чинат од 75 до 300 евра. Гостувањето во Скопје, тврди, ќе го наплати за сума пониска од четири до седум пати.
„Парите не му се приоритетни на Гета за доаѓањето во Македонија“, рече Милошевски и додаде:
„Едноставно, на човекот многу му се допадна идејата и беше импресиониран кога му кажав дека помеѓу три-четири имиња кои ми беа во игра, јас се одлучив на Владата да ѝ до предложам Дејвид Гета, затоа што мислам дека прославата за 35 години независност за држава како Македонија треба да биде спектакуларна“.
Настапот на Гета ќе биде кулминација на низа настани што по повод 35-годишниот јубилеј од независноста ќе се организираат низ државата еден месец порано.
Според најавите, ќќе има уште два големи концерта помеѓу 8 август и 8 септември, кои дополнително ќе бидат соопштени. Во истиот период ќе има дисперзирана музичка програма во 11 градови во државата, со вклученост на над 120 македонски уметници.
„Нашата цел е ова одбележување да има и државничка тежина, современ културен и продукциски пристап, но и меѓународна препознатливост. Да создадеме концепт кој ќе ја претстави Македонија како држава што знае достоинствено да го одбележи сопствениот пат, но и да ја покаже сопствената културна самодоверба пред домашна и меѓународна јавност“, изјави портпаролката на Владата, Марија Митева.
Организаторите на настанот во наредниот период етапно ќе објавуваат информации за другите содржини од програмата по повод независноста, а за сите настани ќе има и посебна веб-страница.
Годинава, државата ќе одбележи 35 години независност откако граѓаните на референдум на 8 септември 1991 година се определија за суверена држава, независна од Југославија.


