Колективен швеѓанизам, културен балканизам

Објавено:

Се будам пред некој ден, отварам очи, грабам телефонот, се упатувам кон кралскиот престол и првото утринско празнење го користам како можност за прелистување на наслови на некој од медиумските генератори на вести.

Шок… позитивен… на врвот од екранот, прва вест, Колективниот договор во културата. Изрипа срце, очи се ококоруваат, гурулките сами паѓаат… работам во култура повеќе од 20 години, а вакво медиумско експонирање доживувам еднаш во декада, што би се рекло два пати во живот.

Си велам, доообро, македонската свест напредува, почна да се интересира за сериозни општествени теми, како Колективен договор и Култура. Скандинавски теми, би рекле ние на Балканот. Сигурно се покренала дебата за подобрување на состојбите и правата на работниците во културата, заклучувам.

Веќе првиот клик на наслов, штом се отвори новото прозорче од веб пребарувачот, ми ја убива оваа илузија за колективен швеѓанизам и ме враќа во реалноста на балканскиот примитивизам. Колективниот договор во културата оспорен пред Уставниот суд!, стои во првата реченица од текстот.

По 7 години од потпишувањето, Владата (преку извесен адвокат) пред Уставен суд го спори тоа што го потпишала Владата пред 7 години, затоа што тој договор го потпишала другата влада, која пред 3-4 години, се обиде неуспешно да го оспори истиот тој договор пред истиот Уставен суд.

Апсурд?

Не. Јебанијада, да.

У здрав мозок, секако. Или како тоа што ние најчесто си го викаме, реалност.

За неупатените, Колективниот договор во културата е договор потпишан помеѓу Министерството за култура (во превод: Владата) и синдикалните здруженија на работниците во културата, кој има за цел да ги регулира и дефинира правата и обврските на вработените во овој сектор.

Тој е прогласен за еден од најквалитетните Колективни договори на територија на државава. Договор на кој би се огледале и би го посакале сите работници и во другите сектори, а нормална држава секако би им го овозможила.

Но, нормално дека ова не е нормална држава.

За да добиеме целосна слика на збиднувањата, да се потсетиме како звучеа изјавите на политичките шереметковци во време на потпишувањето на договорот…

„Партијата не изготвува колективен, туку министерството за култура, заедно со сите релевантни синдикати… културните работници бараат да се потпише колективниот договор, кој апсолутно не зависи од новиот т.н. Закон за остварување на јавниот интерес во културата…“ – Зоран Љутков, денешен министер за култура и туризам, обраќајки се до тогашната влада на СДСМ, на прес-конференција 9.10.2019 година.

„Овој успех на Министерството за култура и на Владата ќе резултира со унапредување на правата на вработените во културата, ќе донесе до правичност во групирањето на работните места, праведна валоризација на трудот на сите вработени, остварување на права на додатоци на плата, спречување на злоупотреба на вработените во културата, селективност и фаворизација во утврдување на правата по работен однос и регулирање на други релевантни прашања од работниот однос.“ – Хисни Исмаили, тогашен министер за култура, 30.12.2019 година.

Уште една бивша министерка, Костадиновска Стојчевска, се огласи во 2023 година: „Колективниот договор во култура е еден од подобрите во регионот, го разгледуваат и останатите земји“.

Сиве овие цитирани изјави, како и многуте нецитирани во овој текст, не наведуваа на една помисла – па ние имаме одличен, конечно нормален, правен акт, кој треба да даде модус и насока како да се креира одреден општествен договор, во општество кое и нема баш прилика да се пофали со нормална конверзација помеѓу одредени правни субјекти, чинители на нашата општествена реалност.

Но, кои сме ние да глумиме швеѓани? М?

Тука следува шамарница, онака маалска, васпитна… ко Брижит на Макрон у авионот.

Секоја следна година по потпишувањето, по правило ни следува и нова опструкција. Повелете во прилог груба хронологија на „пу, пу, не важи“ логиката на македонскиот властодржец.

Нулта година, веднаш по потпишувањето одложување на спроведувањето на колективниот, поткрепено со аргументот „ајде стрпете се до ребаланс на буџет“, и се стрпивме.

Следува кратење на правата (различно толкување). Напредување во работна позиција ако исполниш определени услови пропишани со Закон и Колективен, може, но „само ако добиеме одобрение од Министерство за финансии“.

Па првото оспорување пред Уставен суд, „паѓа“, не се поведува постапка воопшто.

Уште неосвестени од првиот удар, иде второ оспорување пред Уставен суд, и пак „паѓа“, не се поведува постапка воопшто.

На дневен ред доаѓаат фамозните 10%, загарантирани со Општиот колективен договор – гаси!

Успешна мисија. 1:0 за моќниот државен тим против тимот на работникот.

ВАР судијата се уште ја прегледува снимката, преку 800 поплаки (читај: тужби) до ВАР собата (читај: судот). Па врвот на незаконитоста и авторитарноста, како измислување формули за пресметка на плати, проследени со директиви од Министерството за тоа како треба да се пресметува платата, небаре сме вратени во социјализмот, па чекаме директива од Белград, од горе, од Уќуматот…

Но тоа не е се, тргаат континуирани притисоци врз синдикатот да се откаже од колективниот договор и да се потпише нов.

Па на крајот ете, си дочекавме и трето оспорување пред Уставен.

Нека ни е со среќа.

Кои сме тоа ние, да бараме нормални услови за работа, да се бориме за повисока цел и да се стермиме да ги примениме поквалитетните искуства, како би ги унапредиле нашите животи? Кои сме ние да бараме скандинавски континуитет на почитување на договор потпишан од највисок државен орган?

Никој и ништо, нормално. Обични жители на една земја, чии права не се остваруваат со општествен договор помеѓу засегнатите страни, туку со апсолутна моќ на волјата на владетелот.

Па тој знае најдобро!

Во меѓувреме ни останува да летаме, со мислите.

А се залетавме кон оваа шведска маса, ко Хамилтон на стартно-целна рамнина, не сфаќајќи дека на неа повторно ни сервираа само гравче… и колбас, гратис, од државата.

Редакцијата на Колегиум.мк не секогаш се сложува со ставовите изнесени во колумните. Изнесените ставови на авторот не ја рефлектираат уредувачката политика на медиумот. Но, остава простор тие да бидат достапни до јавноста како право на мислење и став.