Борбени авиони од мисијата на НАТО за заштита на воздушниот простор над Балтикот, денеска собориле „странско беспилотно летало во воздушниот простор на Латвија“, соопштија од Армијата на Латвија.
Во соопштението се наведува дека дронот навлегол во Латвија како последица на руското електронско војување и дека бил пресретнат над регионот Балви, во источниот дел на земјата, пренесоа светските новински агенции.
Војската распореди дополнителни единици за противвоздушна одбрана долж источната граница на Латвија и ќе продолжи да го надгледува воздушниот простор.
„Сè додека трае руската агресија врз Украина, можно е да се повторуваат случаите во кои странски беспилотни летала навлегуваат или се приближуваат до воздушниот простор на Латвија“, се додава во соопштението.
Дополнителни закани во воздушниот простор биле регистрирани и во општините Аугшдаугава, Прејљи, Резекне, Балви и Алуксне, но опасноста во меѓувреме престанала.
Ова пресретнување следува по сè почестите навлегувања на беспилотни летала во воздушниот простор на НАТО долж источното крило на Алијансата, кое останува особено изложено на безбедносните предизвици предизвикани од руската војна во Украина. Војната започна со руската инвазија од големи размери во февруари 2022 година.



