Пролетта е промотор на летото. Церемонијал мајстор кој со волшебно стапче ја бои природата, ја расцутува, компонира, оживува… Живи сме и сѐ уште има каде да чукнеме три пати. Сѐ уште, оти во некое идно време дрвјата ќе ги гледаме само во ботанички градини, музеи за дрвја и дивите шуми каде човек не стапнува. Оти кај ќе стапне потоп прави. Полека но сигурно ги снемува дрвјата од нашата околина. За некое време ќе бидат ретро, како и печките на дрва. Ќе чукаме по ламинати.
Но, песната ,,Чукни во дрво” ќе се пее и памети во некои идни времиња, оти има тежина, трајни вредности. Со малку стихови многу фермани. Цела животна философија е сублимирана во стихот „Надвор е пролет, живи сме”. Во рефренот е суштината на животот која треба да си ја потпевнуваме три пати на ден, како редовни оброци.
Преоптоварени со работа и работни ангажмани забораваме да ѝ погледнеме во очи на природата, да сфатиме дека треба да сме ѝ благодарни што сме живи. И дека чукањето во дрво станува привилегија, исто како и уживањето во добра музика.
Доктрината на новото време го зазема ставот дека ниту една работа, заработувачка, успех или постигнувања не се доволни за да бидете реализирани и среќни. Се бара повеќе, се посакува повеќе, се живее побрзо. Не можеме да го стасаме времето, бега три чекори пред нас. Само што ќе помислите дека сте завршиле со обврските, нова мисла за нова обврска ја руши смислата за спокој.
Кога последен пат сте го гледале залезот на сонцето без да помислите како губите драгоцено време? Дали треба да сме среќни што стануваме воркохоличари?
Ќе се распадне ли фирмата без нашето директорување, домаќинството без нашето готвење, а на децата школо без нашето контролирање? Мислите ли дека брачен партнер не може без вашите тековни списоци и потсетувања?
Не! Може да ве снема и сѐ ќе си продолжи како никогаш и да не сте биле зад командата.
„Еден од симптомите за сигурен нервен слом е кога ќе се убедите дека вашата работа е најважното нешто во вашиот живот” – Бертранд Расел.
Затоа кренете рачна, време е за одмор. Возете малку во лер…
Клучниот момент е кога ќе сфатите дека вие не сте вашата работа, вашиот список на обврски и регистер на успеси… Вие сте пролет кое не може без летото. Време е за заслужен одмор! Станете хедонисти барем за време на летниот одмор. Прифатете ги задоволствата, мислите на себе и чукнете во дрво!
За почеток, забавете го времето барем на еден ден, кренете рачна, спуштете шеќер и притисок.
Следете ги деветте хедонистички заповеди кои ќе ви помогнат да имате продолжен ден, викенд, одмор и живот:
1.Седнете на клупа во парк и гледајте во зеленилото и бубачките.
2.Легнете во лежалка и гледајте во sвезденото небо.
3.Смејте се спонтано.
4.Шетајте без план и цел.
5.Читајте книга во апсолутна тишина.
6.Наполнете када со омилената миризлива сол.
7.Спијте до кога ви се сака.
8.Изедете и испијте баш она што ви се забранува.
9.Продолжете ја предиграта!
За оние кои трчаат за успех, забавувањето на времето е застрашувачка акција. Тие не поднесуваат дека треба да излезат од тркачкиот стил „темпо мортале“, да пропуштат важни информации, настани и да „губат време“ по одмори.
Но истите тие ќе си го купуваат сонот по аптеки, ќе голтаат антидепресиви како децата бонбони. Некој заработува милиони кои создаваат илузија дека среќата може да се добие на рецепт, а здравјето да се плати во кеш. Натпреварувачкиот живот, кој ќе биде побогат и поуспешен, освен пари и успех (кои се релативни), може да ви донесе и висок крвен притисок, чир на желудник, хемороиди, инсомнија, депресија, нагли промени на расположение (невроза), изобличен поглед во празно…
Затоа, после секоја добро сработена работа, чукнете во дрво, кренете рачна и потсетете се за приказната со желката и зајакот. Полека но сигурно, уживајте во пејзажот околу вас и вљубете се во слободното време. Слободата е неприкосновена, двигател на животот и најблиска со љубовта. Впрочем, љубовта е слобода. Таа е како ореол. Не може секој да го има и препознае. Има форма на круг кој не се затвора, туку напротив, круг кој се отвора. Љубовта е вонземјанин, гостин кој не потпаѓа под влијание на законите или логиката на Земјата каде што престојува. Најтешката работа на светот е да знаеш да сакаш. Себеси, луѓето и времето за одмор. Затоа, дајте му време на времето, да ја забави брзината и да ве вози во лер….
Дур чукнете три пати во дрво, времето за одмор ќе помине, како и животот.
И да, не сечете ги дрвјата, барем да има каде да чукнеме!


