Штокер – Мицотакис: ЕУ е отворена за Западен Балкан со исполнети обврски

Објавено:

Важно е да остане отворена европската перспектива за земјите од Западен Балкан, посочи австрискиот канцелар Кристиан Штокер по средбата во Салцбург со грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, кој од своја страна ја повтори поддршката на Грција за пристапниот процес на државите од регионот, јави МИА од Атина.

Штокер посочи дека за него, „една важна тема е политиката на проширувањето“ и се осврна на напредокот на Црна Гора, нагласувајќи дека е „особено охрабрувачки“ и изрази оптимизам дека ќе завршат преговорите и ќе можат да придонесат „за интеграција на Црна Гора во Европската Унија во блиска иднина“.

„Но, не треба да ги занемариме и останатите земји од Западен Балкан. Во оваа рамка, важно е, и тоа е нешто што го дискутиравме со премиерот, дека треба да има перспектива и за другите земји, да остане отворена оваа перспектива и овде ќе треба конечно да се отвори Кластерот 3 што претставува предуслов за напредок во оваа насока. Јасно е дека проевропските сили во овие земји ќе треба да се зајакнат“, нагласи Штокер.

Мицотакис, од своја страна ја повтори грчката позиција, како за поддршката, така и за исполнувањето на неопходните предуслови за членство на секоја земја-кандидат.

„Грција и Австрија, од географски аспект, се меѓу земјите што имаат најголема близина со земјите од Западен Балкан, 23 години по Солунската агенда, Грција останува силен поддржувач на европската перспектива на земјите од Западен Балкан. Сепак, треба повторно да кажеме, и канцеларот го кажа тоа, овој процес не е ист за сите држави. Треба да биде проследен со јасни обврски: владеење на правото, почитување на човековите права, почитување на постоечките договори, меѓународните спогодби, заштита на правата на малцинствата. Тоа се предуслови за кои не се преговара за секоја земја-кандидат и нема простор за никакви отстапки“, рече Мицотакис.