Водата од гостиварскиот водовод не е за пиење и готвење, може да се користи само како техничка

Објавено:

Водоводните системи не треба да ги обезбедува ниту армијата, ниту полицијата, секоја институцијата што е надлежна за овие системи во рамки на општините е должна да ги извршува задачите и надлежностите, што и се пропишани согласно регулативата, изјави денеска министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, на прес-конференцијата во Центарот за управување со кризи во Скопје, каде ги презентира најновите информации за состојбата на водата од гостиварскиот водовод, при што информира дека водата може да се користи како техничка, но не и за пиење, ниту пак за подготвување храна.

Тошковски, кој е и раководител на Управувачкиот комитет за координација и управување со системот за управување со кризи, одговарајќи на новинарско прашање дали смета дека треба да се зајакне обезбедувањето на водоводот со почести полициски контроли, или пак дури и со вклучување на Армијата, нешто што предложи опозицијата, рече дека војската според него не треба да се вклучува во обезбедување на водоводни системи, особено не во мирнодопски услови.

„Дали лично сметам дека војската треба да ги обезбедува водоводните системи? Не, не сметам. Тоа не е работа на Министерството за одбрана и не е работа на Армијата, барем не во мирнодопски услови. Така што секоја институција што е надлежна да се грижи за водоводните системи во рамките на општините е должна да ги преземе сите законски ингеренции утврдени со регулативата. Сметам дека, доколку секој си ја работи работата што му е утврдена со законските и подзаконските акти, не би требало да имаме вакви проблеми“, истакна Тошковски.

За зајакнување на полициско присуство, рече дека смета оти полицајците треба да се присутни на терен и се присутни, но дека нивна задача не е обезбедување на водоводните мрежи.

„Дали треба да бидат присутни на терен? Да, и се присутни. Дали полициските службеници треба да ги обезбедуваат водоводните мрежи низ државата? Не. Тоа е надлежност на други институции и тие се должни, повторно ќе кажам, да ги преземат своите законски надлежности и да постапуваат во рамките на регулативата што им е утврдена“, изјави министерот.

Тошковски истакна дека долг временски период наназад, ниту се вложувало, ниту се инвестирало, ниту оние што ги менаџирале институциите, не се посветиле на решавање на проблемите на граѓаните.

Во врска со тоа дали истрагата се проширува на нови осомничени, Тошковски нагласи дека континуирано се работи во тој дел и се постапува по насоки на Обвинителството, а кога ќе има нови моменти, што може да ги соопшти во јавноста, тоа и ќе го стори.

На опозицијата и препорача наместо да ја вжештува атмосферата кај граѓаните, да се фокусира на активности кои се за доброто на граѓаните.

Во ЈЗУ во Гостивар вчера прегледани 127 пациенти со симптоми на ентероколит

Според податоците од јавните здравствени установи во Гостивар, во текот на вчерашниот ден (26.07.2026) се евидентирани вкупно 127 новопрегледани лица со симптоми на ентероколит кои првпат побарале лекарска помош, што покажува благо зголемување единствено во однос на претходниот ден, додека оваа бројка е помала од бројот на новопрегледани пациенти во изминатите денови, информира Министерството за здравство.

Во Општата болница „Д-р Ферид Мурад” Гостивар се регистрирани вкупно 91 нови прегледи, од кои 41 на инфективното одделение, 50 на педијатриското одделение. На инфективното одделение е примен еден пациент на болничко лекување и еден е хоспитализиран на педијатриското одделение. Во Здравствениот дом Гостивар се регистрирани 36 нови прегледи во дежурна служба.