„Водовод и канализација“: Водата во Скопје е безбедна за пиење

Објавено:

Водата на скопската територија е безбедна за пиење, покажале најновите анализи на Јавното претпријатие „Водовод и канализација“ – Скопје, објавени утрово.

Од јавното претпријатие соопштија дека го објавуваат неделниот извештај за квалитетот и безбедноста на водата за пиење, добиен од анализите спроведени во Секторот за санитарна контрола.

„Секторот за санитарна контрола во периодот од 20 до 24 јули зема 195 примероци за физичко-хемиска и 195 примероци за микробиолошка анализа на вода за пиење од 45 мерни места во Градот Скопје“, информираа од јавното претпријатие.

Согласно добиените резултати од испитувањата, како што се истакнува во соопштението, сите примероци одговараат на Правилникот за барања за безбедност и квалитет на водата за пиење.