Премиерот за утре ветува технички исправна вода за Гостивар, од СДСМ велат: Не е за верување

Објавено:

Премиерот Христијан Мицкоски тврди дека жителите на Гостивар утре ќе добијат технички исправна вода за користење, посочувајќи дека кризата се санира во рекорден рок од една недела. Како што рече, иако управувањето со водоводната мрежа е во директна ингеренција на локалната власт, Владата веднаш се вклучила на терен преку обезбедување хуманитарни донации во флаширана вода и со ангажирање стручни екипи од скопскиот водовод за хиперхлорирање на цевководот. Од Владата додаваат дека целосната правна одговорност за здравствениот инцидент моментално ја испитува Јавното обвинителство.

„Екипи од скопскиот водовод во Гостивар работат на хиперхлорирање на инсталацијата. Очекувам уште утре да се издаде соопштение дека водата е технички исправна за користење. Ова се санираше во рекорден рок од една недела. Мене ме чуди што опозицијата ја критикува општината и раководството кое самите го поддржуваа за време на локалните избори. Владата испорачува резултати и ќе продолжи тоа да го прави“, рече Мицкоски.

За вината со кризната ситуација во Гостивар и обвинувањата на опозицискиот СДСМ, Мицкоски рече дека опозицијата „само шири хистерија и лаги“.

„Го следам процесот и политиките на опозицијата, но нивната политика е само да конструираат лаги и да шират хистерија. Целосната одговорност за тоа што се случи во Гостивар во моментов е лоцирана во Јавното обвинителство, кое ќе утврди каде лежи одговорноста. Иако водоводот не е наша ингеренција, ние веднаш обезбедивме вода за пиење преку донации“, рече Мицскоски.

Од СДСМ претходно ја обвинија власта за целата ситуација во Гостивар, а денеска реагираа дека „никој не му верува на Мицскоски“.

„Никој не превзема одговорност. Само се префрла одговорноста. Утре Гостивар треба да добие ‘технички исправна’ вода. Значи – сè уште не за пиење. И сега прашањето е едноставно: Како да им веруваме? Кога на Мицкоски и на неговата влада црвените светла и алармите им доцнат, како да веруваме дека оваа „техничка“ вода утре ќе биде безбедна дури и за капење?, се вели во соопштението на СДСМ.