Бројот на заболени во Гостивар се намалува, изјави денеска министерот за здравство Сашо Клековски кој денеска ја посети Специјалната болница за белодробни заболувања во Лешок, по најавите во медиумите дека водата за пиење во болницата не е во исправна состојба.
„Денеска имаме состојба од 80 новопријавени пациенти што е двојно намалување од претходните бројки и дефинитивно сме во надолен тренд. Вкупната бројка на заболени е околу 4.000. Досега сима 750 пријави за заразни болести, а анкетирани се 490, така што можам да кажам дека епидемијата влегува во смирувачка фаза и започнува фазата на целосна епидемиолошка анализа за утврдување на хонологијата на настаните. Во моментот треба да почне да се прави раздвојување на тоа што е заболуваење од епидемија и тоа што е заболени од редовни гастроентерити“, изјави Клековски.
Додаде дека според последните анализи водата од градскиот водовод, сѐ уште не може да се користи за техничка употреба.
„За водата да биде безбедна до одреден степен се гледа колку хлор има во водата, а тоа уште го нема постигнато посакуваното ниво. Се прават редовни анализи на водата на повеќе мерни места во моментов, а кога хлорирањето ќе биде на задоволително ниво ќе биде дадена дозволата за употреба за техничка вода“, појасни Клековски.
Во врска со водата за пиење во Лешок Клековски рече дека таква била и во изминативе години, а Специјалната болница во Лешок, вода за пиење години наназад користи диспанзери, односно не ја користи водата од селскиот водовод.
„Состојбата во Лешок е неисправна и тоа не е тајна затоа што таа е таква барем една деценија наназад и тоа можело да се види од редовните наоди кои што стигнувале во Министерството. Населението тоа го знае и се придржува по упатствата што ги добива за постапување. Со иницијатива на Месната заедница е направен зафат за решавање на проблемот. Се очекува во текот на неделата да се направат две проби за да се види дека и таа вода од водовод веќе нема да биде техничка, туку ќе биде и за пиење не само за болницата туку за целото населено место“,изјави министерот за здравство.
Покрај епидемијата, за справување со ситуацијата во Гостивар, Владата прогласи и 30-дневна кризна состојба.
За гостиварскиот случај се води и кривична истрага, уапсена е директорката на локалното комунално претпријатие и двајца соработници.
За случајот јавноста дозна откако голем број гостиварчани побараа лекарска помош.
Надлежните објавија сомнежи дека биле поставени пумпи преку кој го главната водоводна цевка влегувала отпадна вода, а веројатно намерата била да се зголеми притисокот на вода. Резултатите од испитувањата покажаа дека три недели била внесувана вода со 48 пати повеќе бактерии од дозволеното.



