По 30 дена затворски притвор добија тројца осомничени – Арта Асани директорка на ЈП „Комуналец“ – Гостивар и раководителите Леон Уредини и Вадедин Дервиши, одлучи судијата на претходна постапка Ќирко Михајлоски од гостиварскиот суд.
Тие ќе бидат упатени во затворот во Шутка, Скопје.
Михајлоски го прифати предлогот на Јавното обвинителство кое претходно денеска побара притвор за тројцата осомничени бидејќи се сомнева дека директорката и раководителите им дале наредби на вработени да постават потопни пумпи во канал со површинска вода со штетни материи во близина на преливната комора со вода за пиење, за да го тестираат притисокот на водата во градскиот водовод, што придонело водата да се загади и во градот беше прогласена епидемија.
Обвинителството ги товари Асани, Уредини и Дервиши за кривично дело „тешки дела против животната средина и природата“ за кое казната е од четири до максимални 20 години затвор.
Надлежниот Обвинител за случајот од ОЈО Гостивар, Хазби Исени, рече дека засега истрага е насочена само против тие три лица, но ќе може да се прошири и на други лица и институции во зависност од доказите што ќе произлезат.
Во тек се засилени инспекциски контроли, при што мостри се земаат од целиот водоснабдителен систем, од градинки, здравствени установи, угостителски објекти, верски објекти и други јавни институции.
Во изминатото деноноќие, во гостиварската болница биле прегледани нови 198 пациенти, информира директорот на болницата, Емри Бајрами. Поради здравствената состојба во која се наоѓа, еден од пациентите е упатен на Инфективната клиника во Скопје. На Инфективното одделение биле прегледани 111 пациенти, на Одделението за педијатрија 75, а во Ургентниот центар 12 пациенти. Бајрами додава дека клиничката слика и натаму се карактеризира со стомачни проблеми, а поретко со треска и покачена телесна температура.
Од Министерството за здравство вчера информираа дека е забележано почетно намалување на бројот на новопрегледани пациенти со стомачни тегоби во Гостивар.
Пријавата во МВР ја поднеле граѓани, на 16 јули, поради сомнеж дека кај Вруток има загадување на водата. Кога извршиле увид, претставници на институциите затекнале три пумпи од кои две биле во функција и пумпале загадена вода во каптажата.


