Кои се последните информации за Гостивар?

Објавено:

Без исправна вода, со илјадници граѓани со стомачни тегоби и надеж дека што поскоро состојбата ќе се стабилизира, Гостивар го живее петтиот ден откако во градот беше прогласена епидемија.

До неа дојде по скандалот со градската водоводна мрежа откако беше откриено дека во неа влегувала отпадна вода и во неа има колиформни бактерии кои најчесто живеат во цревата на луѓето и топлокрвните животни, и нивни претставник е Ешерихиа коли (Escherichia coli). Со други зборови, во водата што доаѓала преку чешмите во домовите на гостиварци имало нечистотија, најчесто поврзана со фекалии или отпадна вода, какви што се и сомнежите на истражните органи.

Кога гостиварци може да имаат исправна вода?

Последните информации од Централниот изборен штаб се дека започнало хиперхлорирање на водата и испирање на примарната водоводна мрежа, како дел од мерките за справување со епидемијата.

Денеска бил исчистен и изворот.

Очекувањата, кои денеска ги сподели и премиерот Христијан Мицкоски, се оти до крајот на неделата водата во Гостивар ќе биде технички исправна, а кон крајот на следната недела и безбедна за пиење. Секако, доколку сè се одвива според планот.

За што поскоро гостиварци да имаат исправна вода, помагаат и експерти од скопското Јавно претпријатие „Водовод и канализација“.

Во меѓувреме, на 13 локации низ градот се поставени пунктови каде што граѓаните може да земат техничка вода.

Што се однесува до водата за пиење, по донациите и солидарноста од граѓаните, Владата почна да испраќа цистерни за вода, како и пакувана вода.

Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) Стојанче Ангелов, информираше дека вчера и денеска во Гостивар се донесени и 200.000 литри пакувана вода – донации од Министерството за локална самоуправа и од Општина Неготино.

Стагнира бројот на пациенти

Кога е во прашање здравствената состојба на гостиварци, последните информации од здравствените власти се дека општата состојба во однос на бројот на лица со стомачни тегоби е стагнирачка и нема нови хоспитализации.

Министерот за здравство, Сашо Клековски, ги повика граѓаните да ги почитуваат мерките и да не се опуштаат сè додека не завршат интервенциите на водоводниот систем бидејќи, вели, од понеделникот резултатите се четири чисти места, пет загадени, така што мерките на претпазливост мора да останат иако бројките се намалуваат.

Со стомачни тегоби и симптоми како температура и дијареја, досега во Гостивар лекарска помош побараа над 3.000 пациенти.

Угостителите не ја користат водата, но најдени им се други неправилности и небезбедна храна

За следење на ситуацијата, во Гостивар интензивно на терен се и инспектори од Агенцијата за храна и ветеринарство. Само во вторникот, како што денеска соопштија од АХВ, биле направени 70 контроли во барови, ресторани, пицерии, сендвичарници итн.

„Кај операторите не се утврдени отстапки во овој дел, односно, за послужување и за миење на садовите, работните површини и опремата, забраната се почитувала и се користела пакувана вода и безбедна вода во спроведувањето на работните процеси. За послужување на гостите во угостителските објекти, утврдено е дека се употребуваат пластични и хартиени чаши и прибор“, соопшти АХВ.

Меѓутоа, утврдени се други неправилности, како што се: ненаправена дезинфекција, дезинсекција и дератизација – во пет локали; во 18 вработените немале задолжителни здравствени прегледи, а 11 фирми воопшто не биле регистрирани како оператори на храна иако тоа го работеле. На две места, пак, е открие небезбедна храна во количина од 18 килограми, меѓу која виршли, кисело млеко, јогурт, салами и путер.

За недоследностите, наведува АХВ, изречени се казни, меѓу кои забрани за вршење дејност, опомени, но и 30 парични казни во вкупна вредност од 7.750 евра.

Покрај епидемијата, за справување со ситуацијата во Гостивар, Владата прогласи и 30-дневна кризна состојба.

За гостиварскиот случај се води и кривична истрага, уапсена е директорката на локалното комунално претпријатие, како и двајца соработници.

Скандалот одекна во јавноста по големиот број пациенти што бараа лекарска помош.

Надлежните објавија сомнежи дека биле поставени пумпи преку кој го главната водоводна цевка влегувала отпадна вода, а веројатно намерата била да се зголеми притисокот на вода.

Резултатите од испитувањата покажаа дека три недели била внесувана вода со 48 пати повеќе бактерии од дозволеното.