Владата од денеска и во наредните неколку дена, интервентно ќе обезбеди по 50.000 литри дневно бесплатна вода за пиење за граѓаните на Гостивар, додека траат мерките и препораките на надлежните институции. До оваа одлука дојде откако граѓани од останатите градови на своја иницијатива обезбедија донации на вода за жителите на Гостивар.
Од владината прес служба денеска (19 јули) соопштија дека дистрибуцијата на водата ќе се реализира преку Службата за општи и заеднички работи на следните пунктови:
– Водостопанство – Гостивар, ул. ЈНА бр. 139
– Градинка „Пролет“, ул. Беличица бр. 47
– СЕОУ – Гостивар (Средно економско училиште), ул. Живко Брајковски бр. 39
– ЈП Национални шуми – Подружница „Шар“ Гостивар, ул. Браќа Ѓиноски бр. 165
– АД ЕСМ – Подружница кај гаражите (питарница), ул. Илинденска
– Општа болница „Ферид Мурад“ – паркинг, ул. Чеде Филиповски бр. 29
– Територијална противпожарна единица – Гостивар, ул. Беличица бр. 35
Претходно, скопскиот градоначалник, Орце Ѓорѓиевски информираше дека Град Скопје испраќа помош за Гостивар, односно цистерни со питка вода за сите жители.
„Како претседател на ЗЕЛС, упатувам апел до сите мои колеги градоначалници, во рамките на своите можности, да понудат и испратат помош“, наведе Ѓорѓиевски во објава на социјалните мрежи.
Во меѓувреме, во Гостивар пристигна донација со вода за пиење и од Битола, чии жители на социјалните мрежи објавија дека помошта пристигнала во тамошната Противпожарна единица.
Жителите на Битола заедно за два часа собраа 79 гајби со вода и уште 4 тамиџани вода.

Во просториите на Противпожарната единица во Гостивар вчера, беше дистрибуирана вода и од Општината, но обезбедените четири тони вода беа наменети само за социјално загрозените семејства.
Пакети со вода на повеќе локации низ градот, разнесуваа и дел од општинските партиски ограноци.
Жителите на Гостивар се соочуваат со забрана за користење на водата од градскиот водовод, во период кога температурите достигнуваат речиси до 40 степени Целзиусови.

Институтот за јавно здравје соопшти дека до официјално укинување на забраната, водата од градскиот водовод не треба да се користи за пиење, ниту по превривање, освен ако надлежните институции не дадат поинаква препорака. Од ИЈЗ информираа дека потребни се најмалку 4 литри вода по лице на ден.


