Епидемија ќе биде прогласена денеска во Гостивар, најави на 19 јули на прес конференција раководителот на одделот Епидемиологија на заразни заболувања во Институтот за јавно здравје, д-р Драган Кочински. До оваа одлука доаѓа откако бројот на заразени со стомачни тегоби во Гостивар продолжи да расте, додека надлежните испитуваат кој и зошто ја загадил градската вода. Доктор Кочински посочи дека е надминат прагот на заразени на неделно ниво и дека по закон треба да се прогласи епидемија иако засега е познат изворот.
„Треба да се земе предвид и дека за да се пријави епидемија треба да има и официјални пријави за заразна болест, доставени до епидемиолошката служба. До овој период се 140“, изјави д-р Кочински.
Тој додаде дека епидемиологот од Гостивар ја следи ситуацијата и тој ќе биде надлежен да ја прогласи и делува.
„Пријавувањето на епидемија само ги подобрува можностите за координација, а мерките си се спроведуваа на терен и претходно“, објасни д-р Кочински.
Претходно, реагираше епидемологот Никола Пановски, кој на својот фејсбук профил бараше Гостивар итно да се прогласи епидемија.
„Во Гостивар има епидемија на гастроентеритис. 1.500 регистрирани со исти симптоми и најмалку уште 5.000 кои не се јавиле на лекар. Во еден град оболеле 30 проценти од населението од иста болест и немало услови за прогласување епидемија. Епидемолози, каде сте, ова не е политика, ова е ваша должност да реагирате“, напиша Пановски.
Поради стомачни тегови стотици граѓани во изминативе денови побараа лекарска помош. Само во последните 24 часа, на инфективното одделение во гостиварската болница, биле прегледани над 200 луѓе. За случајот истрага води гостиварскиот обвинител во соработка со неколку институции. Доктор Кочински за резултатите од епидемиолошките анкети, немаше конкретен одговор. Кусо одговори дека заедничко за сите граѓани кои се пожалиле на тегоби и здравствени проблеми е дека „користеле храна и во домашни услови и во ресторани, а користеле и вода за пиење, вклучувајќи и флаширана“.
Одговорот на прашањето што ја предизвика епидемијата ќе ја даде микробиолошката анализа од водата за пиење кои ќе бидат готови утре и доставени до Обвинителство, објасни тој.
„Досега се направени околу 60 анкети, вчера центарот за јавно здравје побара помош од наша страна, веќе се направени голем дел анкети. Дел од населението одбива комуникација, би било добро да учествуваат и да дадат соодветни податоци“.
МЗ: Денеска најголемиот број пациенти се со лесна клиничка слика
Министерството за здравство пак, денеска преку писмено соопштение информираше дека во изминатите 24 часа на Инфективното одделение во Општата болница во Гостивар биле извршени 204 прегледи, при што три лица се задржани на болничко лекување. На Педијатриското одделение биле реализирани 140 прегледи, а дополнителни девет пациенти биле прегледани во Ургентниот центар.
Од Министерството посочуваат дека кај најголемиот број пациенти клиничката слика е лесна, но поради наглиот пораст на заболени состојбата се третира како активен епидемиски настан. Во тек се епидемиолошки анкети, микробиолошки анализи на примероци од пациенти и вода, како и испитување на можните извори на зараза во координација со повеќе институции.
Досега се поднесени околу 140 пријави за заразна болест, кои ги обработуваат Центарот за јавно здравје Тетово и Институтот за јавно здравје. Надлежните вршат засилен надзор и над системот за водоснабдување, како и контроли во соработка со Агенцијата за храна и ветеринарство и Државниот санитарен и здравствен инспекторат.
Согласно законските надлежности, Центарот за јавно здравје Тетово треба да донесе одлука дали ќе биде прогласена епидемија на подрачјето на Гостивар.
Од Министерството очекуваат таа одлука да биде донесена во текот на денот. До граѓаните апелираат да ги почитуваат препораките на здравствените власти, да одржуваат лична хигиена и при појава на симптоми веднаш да побараат лекарска помош.
Отпадни води во цевководот –полицијата се сомнева во локалните институции
За случајот се води истрага под координација на јавен обвинител од Гостивар. Во неа се вклучени полицијата, како и Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) и Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС). Ангажиран е и независен вештак.
Тим од овие институции на терен излегол в четвртокот попладне, околу 18:20 часот, поради сомнежи за загадување на водата откако бројни граѓани претходните денови бараа лекарска помош.
Меѓу првите кои излегоа со информации беше полицијата. Ги објавија сомнежите дека во главниот цевковод во Гостивар влегувале отпадни води од место кај селото Вруток каде локалните институции поставиле пумпи за да го зголемат притисокот на вода.
„Постојат основи на сомневање дека Јавното претпријатие ’Комуналец‘, во соработка со Општина Гостивар, поставило три пумпи во корито на истечни отпадни води, преку кои се вбризгувала вода директно во главниот цевковод што го напојува градот. Оваа активност најверојатно била преземена со цел да се зголеми притисокот во мрежата поради недостиг на питка вода, со што директно се загрозува здравјето на граѓаните на Гостивар“, соопштија од Секторот за внатрешни работи (СВР) Тетово, под чија надлежност е гостиварскиот регион.
МВР се сомнева дека е направено кривично дело „загадување на водата“. Во меѓувреме, по наредба на јавен обвинител, локацијата во Вруток ја обезбедува полиција, соопшти обвинителството.
Агенцијата за храна и ветеринарство на 17 јули издеде забрана за употреба на водата за пиење од гостиварскиот водоводен систем поради основано сомнение дека истата е загадена и небезбедна за употреба.
Поради времената забрана за употреба на водата за пиење од градскиот водовод во Гостивар, на граѓаните им се препорачува да ги почитуваат следните мерки до добивање на официјално известување дека водата повторно е безбедна за употреба, апелираше денеска Институтот за јавно здравје (ИЈЗ).
До официјално укинување на забраната, водата од градскиот водовод не треба да се користи за пиење, ниту по превривање, освен ако надлежните институции не дадат поинаква препорака.


