Локацијата во Вруток е под надзор, резултатите од анализите се очекуваат утре

Објавено:

Основното јавно обвинителство Гостивар е во постојана координација со Институтот за јавно здравје, каде по наредба на јавен обвинител се вршат анализи и испитувања на квалитетот на примероците од водата од гостиварскиот водовод, а резултатите се очекува да бидат готови утре за да се утврди натамошниот тек на постапката – соопшти Обвинителството денеска (19 јули).

– Според најавите, резултатите треба да бидат доставени до надлежното обвинителство утре, по што ќе биде донесена одлука за понатамошното постапување. За исходот и натамошните чекори, јавноста ќе биде дополнително известена – се наведува во соопштението.

Во меѓувреме, по наредба на јавен обвинител, локацијата во Вруток и натаму е обезбедена, наведуваат од ЈОРСМ.

Агенцијата за храна и ветеринарство на 17 јули издеде забрана за употреба на водата за пиење од гостиварскиот водоводен систем поради основано сомнение дека истата е загадена и небезбедна за употреба.

Поради времената забрана за употреба на водата за пиење од градскиот водовод во Гостивар, на граѓаните им се препорачува да ги почитуваат следните мерки до добивање на официјално известување дека водата повторно е безбедна за употреба, апелираше денеска Институтот за јавно здравје (ИЈЗ).

До официјално укинување на забраната, водата од градскиот водовод не треба да се користи за пиење, ниту по превривање, освен ако надлежните институции не дадат поинаква препорака.

Водата од градскиот водовод повторно може да се користи за пиење само по официјално известување дека забраната е укината и дека водата е безбедна за употреба – наведуваат од ИЈЗ.