Наспроти изјавите на директорката на гостиварски „Комуналец“ која повикувајќи се на информации од лекари рече дека труењето е од храна и високите температури, а не од водата, Клековски вели мали се шансите 1.000 луѓе да се затрујат од храна
Првите пациенти со стомачни тегоби во Гостивар се јавиле ноќта на 13 јули. Оттогаш бројката е константна и на дневно ниво во просек лекарска интервенција бараат по над 200 граѓани, информираа здравствените власти откако надлежните отворија истрага за загадување на водата од градскиот цевковод.
„Во последните 24 часа има 100 побарани интервенции на педијатрија и 160 побарани интервенции на инфективното одделение“, изјави новиот министер за здравство, Сашо Клековски кој денеска беше во посета на Гостивар.
Но, засега нема да се прогласи епидемија, како што рече тој, сè додека не се утврди причината за големиот број заболени со стомачни тегоби. Потребни се, посочи министерот, повеќе епидемиолошки анкети за се најде кој е причинителот.
Откако ја посети гостиварската болница, министерот наведе оти клиничката слика кај сите пациенти е слична – од благи стомачни проблеми со дијареја и повраќање, до температура кај некои пациенти. Најголем дел се третираат за дехидратација со инфузија, витамини и друга симптоматска терапија, по што се пуштаат на домашно лекување.
Премиерот Христијан Мицкоски вели дека одговорност за случајот, ќе има.
„Нема така да помине случајот. Јас навистина не можам да разберам некои луѓе како може така дрско и така несовесно да се однесуваат. Просто е неверојатно како така лесно ги прифаќаат овие работи и како се одлучуваат да прават такви работи. За мене, ово е се шокантно и просто за неверување е сето ова што некој таму го направил. Но, ќе има одговорност, се разбира, и таа одговорност нормално понатаму во рамките на судски процеси ќе треба да се констатира“, изјави премиерот Мицкоски.
Што се испитува?
За случајот се води истрага под координација на јавен обвинител од Гостивар. Во неа се вклучени полицијата, како и Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) и Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС). Ангажиран е и независен вештак.
МВР се сомнева дека е направено кривично дело „загадување на водата“, а Јавното обвинителство, пак, кое ја координира целата истрага, засега е воздржано во однос на евентуалното кривично дело.
Сепак, се чекаат резултатите од тестирањата, а Клековски денеска информираше и какви анализи се прават од здравствените институции.
„Од вчера се зема колпокултура и се прават сите неопходни лабораториски анализи и е проширена можноста да се бараат траги од адено и рота вирус. Значи, повеќе институции вклучени во епидемиолошкиот дел и повеќе типови на истраги, за да се исклучат сите опции: од тешки метали, од паразити, вируси, бактерии…Ни требаат многу повеќе епидемиолошки анкети за да најдеме кој е причинителот и да ги поврземе можните извори“, рече министерот Клековски.
Клековски: „Шансите 1000 луѓе да се затрујат од храна се многу мали“
Градоначалникот на Гостивар, Валбон Лимани излезе со поинакви тврдења од тие на полицијата дека дошло до мешање на отпадни води со питката вода. Тој вели дека „во однос на тврдењата дека дошло до мешање на канализациска и водоводна вода, информациите од ЈП „Комуналец“ укажуваат дека на посочената локација нема канализациска мрежа“ и ги повика граѓаните на смиреност, додека не се докаже што точно се случило со водата во Гостивар.
Со слични изјави излезе и директорката на „Комуналец“, Артана Асани, која повикувајќи се на информации од лекарите рече дека водата не е причина за заболувањето кај гостиварци туку храната и високите температури. Но, Клековски денеска порача дека ниту тој, ниту директорката може да тврдат такво нешто.
„Ниту јас, ниту директорката на јавното претпријатие сме некои што можеме да посочиме причинител. Има епидемиолози, тоа е работа на епидемиолозите. Има Центар за јавно здравје, има Институт за јавно здравје, мислам дека треба да се очекува нивна оценка. Можам неформално да коментирам дека шансата 1000 луѓе да се затрујат од храна се многу мали. Дополнително, ова трае веќе 4 дена, така да, за мене храната логички е исклучена како можен извор“, рече Клековски.
Во меѓувреме, Агенцијата за храна и ветеринарство издаде забрана за користење на водата за пиење, додека не се готови резултатите од мострите земени за лабораториско тестирање со цел утврдување на нејзината безбедност.


